Рубиковата коцка се смета за една од најпродаваните играчки во светот. До 2005 година, продадена е во повеќе од 300 милиони примероци. Рубиковата коцка е механичка играчка измислена од страна на унгарскиот инженер Ерне Рубик. Составена е од 26 мали пластични коцки кои се вртат околу централно јадро. Првите примероци на Рубиковата коцка се направени во 1974, a во 1977 веќе се нашле во продавниците во Будимпешта.
Три години подоцна, претставена е на саемите во Лондон, Њујорк, Париз и Нирнберг. Генерации пораснале со неа. Секој од нас се обидел да ја склопи барем еднаш. Склопувањето на Рубиковата коцка го одликуваат логика, брзина добра меморија, а влијае врз психолошкиот развој и градење на вештината на решавање проблеми. Бидејќи има 43 квинтилиони почетни комбинации, а постои можност од секоја од нив да се дојде до решението во дваесетина потези, склопувањето на Рубиковата коцка бара трпение, упорност и дисциплина. Често се препорачува за хиперактивните деца, а секако и кај децата кои се интересираат за технички науки. Светскиот рекорд во склопување на Рубикова коцка е 3,47 секунди, поставен од кинезот Du Yusheng, на 24-ти ноември 2018 година на Wuhu Open 2018.