Во индустриската зона Запад, во Штип, денес беше поставен камен-темелник на новата фабрика за автобуски каросерии. Фабриката ја гради штипската фирма „Актива“ во соработка со белгискиот гигант „Ванхол“. На церемонијата беа присутни и претставници од „Ванхол“ предводени од директорот Филип Ван Хол.
Иле Наков, директор на „Актива“, изјави дека новата фабрика за автобуски каросерии ќе ја промени и сликата за Штип како град на текстилот, затоа што отвора можности и други инвеститори да влезат во областа на металната и машинската индустрија.
– Локацијата опфаќа површина од 70.000 м2 со можност за 120.000 м2. Планирани се две фабрики од по 16.000 м2, значи вкупна површина од 32.000 м2. Првата фабрика ќе се гради во две фази. Во првата фаза ќе се прави халата за делот за метални конектори, со површина од 8.000 м2, а по нејзиното завршување во септември ќе започне и втората фаза со уште 8.000 м2. Инвестицијата е вредна три милиони евра, од кои еден милион евра се средства на „Актива“, а два милиони евра се кредит од Комерцијална банка – Штип. Првата фаза од фабриката треба да биде завршен за четири-пет месеци, – рече Наков.
Тој напомена дека зад „Актива“ стојат бројни успешни проекти, а пресудно за изградбата на оваа фабрика бил ангажманот на неговата фирма во констуркцијата на првата фабрика на „Ванхол“ во Бунарџик, каде се прозиведуваат автобуси. Навремената работа била гаранција дека Белгијците имаат работа со сериозна фирма и одговорни луѓе. Според Филип Ванхол, пријателството е најважен сегмент кога е во прашање партнерството со „Актива“, бидејќи се покажало дека освен бизнисот, има работа со вистински пријатели.
Градоначалникот на Штип Илчо Захариев, рече дека штипска „Актива“ е гордост за градот и додаде: Ние како општина од прв момент ја поддржавме идејата за отворање на ваква фабрика. Одделението за урбанизам експресно ја изработи сета документација за да се овозможи влез на „Ванхол“, и можам да им кажам дека не погрешија што за партнер ги избраа „Актива“ бидејќи тоа е фирма на посветени работници и беспрекорни домаќини.