Насловна / Вести / Зошто е Љубљана модел дури и за Париз?

Зошто е Љубљана модел дури и за Париз?

Од 2007 година, главниот град на Словенија целосно го преобликуваше својот центар и го намени исклучиво за пешаци и велосипедисти. Резултатите се веќе и тоа како видливи.

Ljubljana,,Slovenia.,17.3.2021.,People,Walking,On,Ljubljana,Main,Square,With

Во споредба со другите европски главни градови, Љубљана е релативно мал град со своите 280.000 жители, но секако е еден од најзелените и најтивките. Во текот на долгогодишното постепено воведување на забраната за автомобили, центарот на Европската зелена престолнина за 2016 година успешно се трансформираше во пријатна пешачко-велосипедска оаза на која денес и се восхитува целиот свет.

1_resize

Автомобилскиот сообраќај во некои делови од центарот на Љубљана сега е веќе далечно минато. Идејата за градски центар без автомобили започна да се развива во 2007 година кога започна реновирањето на улиците и плоштадите со цел да се обезбеди повеќе простор за пешаците и велосипедистите и постепено воведување забрана за сообраќај за моторни возила. Преобликувањето на центарот на градот започна со реновирање на улицата Волфова и плоштадот Прешерн и продолжи со постепено затворање на центарот на градот за сите моторни возила. Сега, во овие делови на центарот на градот, сообраќајот е дозволен само со комбиња со специјални дозволи и тоа во тек на утринските часови – помеѓу 6 и 10 часот.

8_resize

Сообраќајните проблеми не исчезнаа преку ноќ

Некогашните паркинзи преуредени се во јавни површини кои служат за собирање на граѓаните и организирање разни настани, на пример, Конгресниот плоштад (јавна гаража со пет подземни нивоа беше отворена во јули 2011 година), Плоштадот на Републиката, Новиот плоштад и улицата Брег. Благодарение на тоа, повеќе од 10 хектари од централниот дел на градот денес се наменети исклучиво за пешаци и велосипедисти, и како што гордо истакнува на социјалните мрежи Градот Љубљана, ова резултираше со намалување на емисиите и бучавата предизвикана од сообраќајот. За време на постепеното воведување забрана за автомобилски сообраќај во центарот на градот, градската управа на Љубљана уреди големи паркинзи во предградието за да им го олесни пристапот на граѓаните, а се преиспитало и урбанистичкото планирање на центарот.

2_resize

Градската администрација особено го поттикнува возењето велосипед секогаш кога е можно, вклучително и преку сопствениот јавен систем за доделување  велосипеди. Исто така, изградени се и пренаменети вкупно 13 мостови преку реката Љубљаница со цел да се намали дистанцата, полесно движење и подобро поврзување на делови од градот. Покрај тоа, за проектот реконструкција на брегот на реката, Љубљана во 2012 година ја доби Европската награда за урбан јавен простор, меѓу 347 пријавени проекти од 36 европски земји. Во пешачката зона во центарот на градот, жителите и посетителите можат во тек на целата година да ја користат бесплатната услуга на малите електрични возила наречени „Kavalir“,  со кои можат да се возат до саканата локација.

7_resize

Комуналното претпријатие „Љубљански патнички превоз“ ја воведе оваа услуга со две возила уште во 2009 година, кога Љубљана учествуваше во европската иницијатива CIVITAS ELAN, со што оваа услуга превоз на барање успешно е имплементирана. Бесплатно возење можат да користат максимум пет патници истовремено, а „кавалирите“ не следат однапред дефинирани правци и запирања, туку го прилагодуваат возењето на потребите на патниците. До крајот на 2017 година, кога нивниот број е зголемен на шест, „кавалирите“ превезле повеќе од 1,2 милиони патници.

6_resize

Победнички пример за урбана екологија

Една од највидливите мерки за воведување висококвалитетен јавен простор во центарот на градот беше преуредување на улицата Словенска во простор наменет за пешаци, велосипедисти и корисници на јавен превоз (автобуси). Со забрана за движење на лични моторни возила на улицата во 2015 година, емисиите на СО2 се намалија за повеќе од 70 отсто, што докажува дека вистинските мерки можат да имаат силно влијание врз локалното подобрување на квалитетот на воздухот. Понатаму, бучавата која претходно ја создаваа моторните возила е намалена за околу шест децибели, додека градската управа на Париз се обидува со своите мерки да постигне намалување од три децибели. Покрај спроведените археолошките истражувања и обнова на целата подземна инфраструктура, улицата е поплочена со интересна геометриска шема, засаден е нов дрворед и сега успешно функционира како заеднички простор за пешаци и велосипедисти. Петнаесет години по почетокот на спроведувањето на овие мерки, жителите на Љубљана, како и нејзините посетители, очигледно се задоволни од „зелената“ трансформација на градот. Како што истакнуваат некои светски медиуми, како Forbes, а неодамна и неколку француски списанија, „Љубљанчаните можат јасно да слушаат песна на птици и шум на лисја на ветрот, што е луксуз кој го познааваат многу мал број жители на европските и светските градови“. Развојот на Љубљана е прав пример на победничка урбана екологија, а покрај подобрениот квалитет на воздухот и намалување на бучавата во центарот на градот, забраната за сообраќај на автомобили и проширувањето на пешачката зона, секако користи и на работењето на продавниците.

4_resize

Европска зелена престолнина

Покрај тоа, Љубљана е првата европска Zero Waste престолнина, која Zero Waste стратегијата ја усвои уште на 8. септември 2014 година, кога заедно со уште три општини – Врхника, Боровница и Лог Драгомер, се придружи на мрежата Zero Waste Europe. Главниот град на Словенија може да се пофали со највисока стапка на селектирање на отпадот од домаќинствата во Европската унија, а создавањето на отпад е значително намалено со поттикнување на едукација, рециклирање и повторна употреба. Европската зелена престолнина за 2016 година постигна високи стандарди во селектирањето и превенцијата на отпадот. Во првите 10 години од спроведувањето на стратегијата Zero Waste, количината на селектиран собран отпад се зголеми од 16 на 145 килограми по глава на жител, а денес повеќе од 69 отсто од собраниот отпад е селектиран. Контејнерите за селектирано собирање отпад во центарот на градот се наоѓаат под земја.

3_resize

Покрај тоа, до 2025 година, Љубљана има намера да ја зголеми стапката на селектирано собирање отпад на 78 отсто и да го намали количеството на комунален отпад до 60 килограми по лице годишно. Жителите на Љубљана се поттикнуваат на зачувивање на животната средина, селектирање на отпадот и негово фрлање на предвидени локации, но и избегнување употреба на пластика за еднократна употреба, користење на платнени кеси и шишиња за вода за повеќе употреби, благодарение на мрежата од повеќе од 40 пунктови со бесплатна вода за пиење. Се на се, Љубљана станува град со се поголем квалитет на живот, на чиј успех се восхитува целиот свет.

Извор: Ekovjesnik

Испрати коментар

Scroll To Top