Во последните месеци цените на електрична енергија на берзите во Европа бележат рекорди, кои полека се прелеваат и на крајните потрошувачи, па секоја држава се обидува да ја менаџира новонастанатата ситуација на свој начин. Иста е ситуацијата и со природниот гас. Шпанија воведе данок на производството на електраните од обновливи извори, со цел да собере средства за ублажување на ценовниот шок кај крајните потрошувачи. Во тек е процедура за усвојување на сличен данок за хидроелектраните и нуклеарките. Сите овие електрани не плаќаат такси за CO2, а имаат корист од високите цени на електричната енергија, стои во образложението на шпанската влада. Оваа нова давачка се применува кај ветерните електрани со моќност поголема од 10 MW, и оние кои не добиваат субвенции. Данокот ќе се наплатува доколку цената на гасот е поголема од 20 евра по MWh. Во моментот цената е 60 евра по MWh. Новите даноци, веќе до крајот на март ќе донесат околу 2,6 милијарди евра, кои ќе бидат искористени за помош на крајните потрошувачи. Владата го намалила и данокот на сметките за електрична енергија од 5,1% на 0,5%, како и данокот на додадена вредност од 21% на 10%.