Во близина на центарот на Мајами, на едно од прекрасните езера, се гради вила проектирана од архитектонското биро од Аргентина, T+T Arquitectos. Од почетокот, клиентите сакале нивниот нов дом да зрачи со модерна архитектура, целосно воден од околината и природата, но и да ја имаат потребната интимност. Затоа, архитектите со овој проект ја истражувале врската помеѓу пејзажот и создавањето на потребната приватност поради малку повисоката густина на населеност.
Успеале со употреба на материјали со различен степен на отвореност: од максимална пропустливост кон запад со стаклени површини по цела должина, преку повлечени тераси на север и југ, до комбинација од бетон, дрвени летви и подвижни дрвени завеси свртени на исток кон улицата.
Проектот за куќата 760 Laurel Lane House се водел од карактеристиките на локацијата и желбата да се создаде модерен архитектонски израз кој е вкоренет во идеалите на овој простор. Како резултат на тоа, во форма се употребени остри линии, рамен покрив што ја штити и врамува куќата, како и рамни транспарентни фасади, така што внатрешниот простор го рефлектира околниот пејзаж без ограничувања. Покрај тоа, целиот дом од околу 669 метри квадратни користи едноставна палета на материјали изработени од поцрнет челик, светло дрво за облоги на плафоните и неутрални бои кои поттикнуваат спојување со околината.
Исто така, клиентите сакале во современиот да постигнат и силна семејна атмосфера која инспирира опуштен начин на живот. Архитектите успеале да го сторат тоа со внимателен избор на мебел, мермерен камин, земјена палета на бои, како и генерирање простор со отворен концепт кој ја поврзува кујната со внатрешната и надворешната дневна соба, во директен контакт со природата.
Како неопходен елемент додаден е базен, кој е совршено поврзан со градината и надворешната дневна соба. Сопствениците не само што можат да се релаксираат во овој простор и да уживаат во друштвото на другите членови на потесното и поширокото семејство, туку исто така можат да вечераат заедно благодарение на стратешкото позиционирање на трпезариската маса и столови, кои го комплетираат надворешниот простор.