Opel го претстави новото мало градско возило Rocks-e, како најмал автомобил во својата гама. За разлика од другите мали модели на Opel автомобили, Rocks-e има електричен погон и кабина за само 2 лица. Доколку овој автомобил Ви делува познато, сосема сте во право – тоа е ребрендиран електричен Citroen Ami од 2020 година. Овој електричен автомобил има електромотор од само 8 hp, а во стандарната конфигурација радиусот во возењето изнесува 75 km. Rocks-e спаѓа во новоформираниот сегмент на возила наречен SUM (Sustainable Urban Mobility). Практично, тоа е квадрицикл тежок само 425 kg, со батерија со капацитет од 5,5 kWh, која е доволна за просечни дневни активности во градско возење. За целосно полнење н стандардна приклучница потребни се 3,5 часа. Opel Rocks-e е долг 2,41 метри. Автомобилот има и панорамски стаклен покрив, додека ентериерот е минималистички. Благодарение на малите димензии, Rocks-e е идеален за возење во урбани средини, и е практична алтернатива на скутерите и мопедите за кратки релации. Продажбата во Германија стартува веќе оваа есен, а во остатокот од Европа следната година. Во понудата ќе бидат три нивоа на опрема, а цената засега не се соопштува. Само заради споредба, електричниот Citroen Ami, кој дебитираше минатата година, во Франција чини околу 6.000 евра.