Тимот на Локомотива го најавува почетокот на второто издание на Летната школа „Курирање во контекст“ која нуди критичка рефлексија за различните социо-политички и економски контексти, како и можност за развој на кураторски методи за преиспитување на практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, самоорганизацијата и критичкото размислување.
Тематски, школата „Курирање во контекст“ е поврзана со прашањето за кураторското и неговото пошироко значење кое ги надминува црно-белите кутии на политиките на репрезентација и презентација. Школата ја анализира средината во која се создава и шири уметноста и се фокусира на креирање знаења и можности за практичари кои сакаат да ја продолжат својата кариера како куратори во полето на изведувачките уметности и интердисциплинарноста.
Школата критички се осврнува на перспективите на производство, застапување, иницирање различни модели на презентирање и артикулирање на уметноста во одреден контекст.
„Курирање во контекст“ ќе се одвива во три модули:
– Летна школа: 29 август – 4 септември 2021 година;
– Процес на менторство и развој на проекти, текстови или идеи за кураторски проект: октомври – декември 2021 година;
– Уредување и објавување на сработените проекти, текстови или идеи за кураторски проект на веб-страницата како е-публикација која ќе биде организирана од групата (2022 година).
Школата „Курирање во контекст“ е ко-курирана од Билјана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров.
Формат: Програмата вклучува предавања, семинари, работилници, разговори со уметници и куратори, дискусии и интервјуа, како и продукција на кураторски дела и ко-кураторски публикации.
Отворениот дел од програмата на Школата е составен од:
СРЕДА 01.09.2021
20.30-22.00
ЈАВНО ПРЕДАВАЊЕ -„Квир причест/ Квир перформанс“
Амелија Г. Џонс, Роберт А. Деј професор и продекан за академици и истражувања на Школата за уметност и дизајн „Роски“, на Универзитетот во Јужна Каролина.
ЧЕТВРТОК 02.09.2021
19.00-21.00
ЈАВНА ДИСКУСИЈА – УМЕТНИЦИТЕ И КУРАТОРИТЕ ЗБОРУВААТ
КОЛЕКТИВНО КУРИРАЊЕ ИЛИ ПРОЦЕСИТЕ НА КУРАТОРСКА СОРАБОТКА со
Јасмина Заложник, драматург, писателка и продуцентка/
Паз Понзе, независна кураторка, писателка и истражувачка на современото уметничко творештво/
Јованка Попова, кураторка во Музејот на современа уметност, Скопје/
Мира Гаќина, виша кураторка во Музејот на современа уметност, Скопје/
Модератори: Билјана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров.
Програмата ќе се одвива на англиски јазик, и ќе може да ја следите преку стриминг во живо на линк објавен на Фејсбук страната на Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”
https://www.facebook.com/Curating-in-Context-Summer-School-107444634409843
Повеќе информации за Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” поврзани со програмата, форматот, тематските рамки и предавачите може да најдете на следниов линк
https://www.lokomotiva.org.mk/summer-school-program-2021/
Затворениот дел од Школата ги вклучува следниве предавачи: Барбара Брајан, Данае Теодориду, Дена Давида, Доминик Џонсон, Јасмина Заложник, Кирстен Мар, Рон Ејти, Сузана Милевска и Воин де Воин.
Учесниците на летната школа се: Ана Лазареска, Елизавета Спиваковскаја, Елена Лајт, Фрида Лаукс, Лида Шерафатманд, Махзабин Хаке, Милко Нестороски, Наталија Дрозд, Саша Клајнплац, Симона Манчева, Софија Ристеска, Сотирис Румелиотис, Јана Старделова.