За време на големите жештини, правилното наводнување на градината е од голема важност за опстанокот на цвеќињата и растенијата.
Ако сакате вашата градина и цвеќињата на терасата да бидат негувани, убави, зачувани и свежи во текот на летните месеци, клучно е правилно да ги наводнувате растенијата.
Колку ќе ги наводнувате растенијата зависи од многу фактори, како што се положбата на градината и количината на врнежи. Колку ќе ја полеете земјата, зависи и од тоа дали вашата градина е на отворено или станува збор за цвеќе на терасата. Ако станува збор за тераса, ќе обрнете внимание на која страна е поставена терасата, на сонце или во сенка.
Еве четири правила за наводнување на градината за време на високи температури:
НАЈДОБРО ВРЕМЕ ЗА НАВОДНУВАЊЕ
Најдобро време за наводнување е рано наутро. Ако не успеете во тој период тогаш, наводнете ја градината навечер, кога сонцето ќе зајде. Тогаш земјата се лади и водата ќе навлезе подлабоко. Нема да испари веднаш и растенијата ќе имаат доволно влага.
ПОТРЕБНА КОЛИЧИНА НА ВОДА
Друго важно правило е дека најдобро е да се напојат растенијата поретко, но со поголема количина вода. На растенијата во саксии почесто им треба вода затоа што околу нив нема голема количина на почва што ќе ја држи влагата.
Пластичните саксии не се толку привлечни, но тие не се загреваат брзо и складираат помалку топлина. Ако немате многу време, можете да купите саксии со вградени системи за наводнување. Индикаторот може да биде од голема помош при наводнување, ако постојано не сте сигурни дали растението имало доволно вода или му треба уште малку. Важно е во сите видови саксии да имаат дупки низ кои вишокот вода може да се исцеди.
Можете да спречите сушење на почвата со редовно растресување на горната површина на земјата и додавање на нов слој ѓубриво.
НАЧИН НА НАВОДНУВАЊЕ – НЕ ГИ ПОЛЕВАЈТЕ ЛИСЈАТА
Без разлика дали наводнувате поголеми површини со градинарско црево или саксии, внимавајте да не ги наводнувате растенијата одозгора, бидејќи влажните лисја се идеални за развој на разни болести. Не напојувајте само од едната страна. Најдобро е да се напои растението во круг, така што водата е рамномерно распоредена.
ПРСКАЛКИ
Ако имате опција, најдобро е да инсталирате прскалки за тревникот. И тоа најдобри се оние со подобар квалитет, што може да го сменат аголот и опсегот на наводнување. Можете да поставите повеќе и да ги вмрежите со систем на црева, така што ќе ја покриваат целата површина.
Исто така, особено е важно доколку се закани топол бран, градинарите да не го косат тревникот премногу кратко и да ја косат тревата без да ја собираат во корпите. Искосената трева останува на тревникот и служи како прекривка која складира влага и го штити тревникот од сушење.