Експериментирањето со биометриските системи на плаќање продолжува – од плаќања со помош на препознавање на лица до скенери за дланки. Водечката технолошко – финансиска компанија Mastercard најави дека одлучиле да престанат со издавање на картички со магнетна лента. До 2033 година, ниту една од дебитните или кредитните картички на Mastercard нема да има магнетна лента, а банките во многу региони, особено во Европа, ќе бидат во можност да издаваат картички без ленти веќе од 2024 година. Од Mastercard тврдат дека картичките со чип како и новите биометриски картички кои користат отисоци од прсти, нудат поголема сигурност. Магнетната лента е развиена во шеесетите години на минатиот век, во склоп на проектот на IBM за изработка на лични документи за персоналот на CIA. Од Mastercard велат дека пандемијата го нагласила апетитот за различни начини на плаќање, а бесконтактното плаќање со картичка или мобилен се зголемило за повеќе од една милијарда трансакции во првото тромесечие на 2021 година, во однос на истиот период лани.