Првата ветерна електрана во Саудиска Арабија успешно е приклучена на електроенергетската мрежа. Станува збор за ветерната електрана Dumat al-Jandal со инсталирана моќност од 400 MW изградена од страна на француската компанија EDF Renewables и компанијата Masdar од Обединетите Арапски Емирати, позната по своите вложувања во обновливи извори на подрачјето на Блискиот исток и Северна Африка. Постројката се состои од 99 ветерни електрани и е дел од амбициозниот саудиски план за намалување на зависноста од фосилни горива до 2030 година. Нејзината изградба започнала во 2019 година.