Насловна / Архитектура / Архитектонски апстинизам

Архитектонски апстинизам

„Должноста на еден уметник, што се однесува до мене, е да го рефлектира времето. Сметам дека тоа е вистинито за сликари, скулптори, поети и музичари. Сепак, тоа e личен избор. Но, јас, одлучно го рефлектирам времето и ситуациите во кои се наоѓам. Тоа е моја должност, и во овие критични времиња во нашите животи, кога сè изгледа очајно, кога секојдневието е прашање на преживување, мислам е невозможно, а да не си вмешан. Младите луѓе, црни и бели, го знаат тоа и затоа се толку вклучени во политиките. Ние, или ќе ја оформиме нашата држава, или нема да биде оформена воопшто! Па така, сметам дека немаме избор; како може да се наречеш себеси уметник ако не го рефлектираш времето во кое живееш. Тоа, според мене, e дефиницијата за еден уметник.“ – Нина Симон, интервју во Монтреал, Канада, 1980.

1_resize

Ако архитектурата е форма на уметност, тогаш, архитектот, како уметник, ја сноси должноста и одговорноста што ја препишува Нина. Практично, историјата на човештвото пресликана низ инвентар од архитектонски објекти, од атинскиот Партенон, 447 година пр. н. е до данскиот Копенхил/Амагер Баке, 2017 година, го рефлектираат времето на нашата цивилизација долж различните општествени ситуации и амбиции. Архитектурата отсекогаш била и политички инструмент, давајќи форма на догма и доктрина, идеологија или верување. Но, идејата дека уметникот треба да го рефлектира времето нужно поставува критична врска со актуелните политики од страната на општествената опресија, нееднаквоста и слободниот дух на говорот.

atina_resize

Овој став е главната премиса на текстот, и првиот проблем со кој се среќава архитектот. Сетот на експресивни алатки кои ги користи се длабоко инфилтрирани низ општествените процеси, процедури, бирократии и истовремено заклучени и условени од страна на управителите, инвеститорите или политичарите. Всушност, архитектот твори под одредени услови, за туѓи цели и тивко се обидува да вреже дел од своите верувања и принципи во проектот. Објектите кои архитектурата ги издвојува како ремек-дела се најчесто исклучок од правилата, создадени во ретки и спорадични периоди, кога архитектот доживува ослободување – изолирана естетика, атмосфера и чувство; истакнување на човековиот интелектуален етос.

2_resize

Ваквите згради заземаат зрно од изградениот свет, а истовремено, нивната документација илустрира сценирана општествена онтологија, иако тие не ја рефлектираат вистинската критична слика на времето, туку таа посакуваната или нарачаната. На пример, првиот облакодер во Чикаго, 1885 година – „ Home Insurance Building“ е изграден две децении по потпишување на тринаесеттиот амандман на Уставот на Соединетите Американски Држави во 1865 година, по Американската граѓанска војна. Америка во тој период бои слика на прогресивна земја, со научна агилност и спремност. Облакодерот го рефлектира човековиот идеал додека, истовремено, маргинизираните групи во општеството се ослободуваат од ропство. Нормално, архитектот, фасциниран од новите материјали и мирисот на индустриската револуција го канализира отскокот на дисциплината, додека поети, текстописци и музичари ја истураат својата мисла низ стих, што ја изразува човековата состојба на секојдневието. Меѓутоа, двете секојдневија постојат паралелно, и ниту еден не е грешен во своите намери, но, како што вели Нина Симон, „сепак, тоа е личен избор.“ Архитектот во пракса, се чини, како секогаш да е на спротивната страна од критичните општествени случувања, иако архитектурата, парадоксално, секогаш го изучува и зема предвид општествениот социополитички контекст. Дали облакодерот во Чикаго може да го сметаме како директен одраз и одговор на вистинските проблеми во доцната половина на 19-тиот век во Америка? Дали облакодерот е став на архитектот, и воедно, одбив да се занимава со актуелните проблеми во општеството?

3_resize

Дали архитектот е хипокрит?

Сепак, како што напоменав, агенсот на архитектот не е ист како тој на сликарот или пејачот. Алатот на архитектот е многу посложен и поскап во споредба со спреј за графити или снимен испеан збор. Меѓутоа, архитектурата, во својата финална форма, еднакво испраќа порака како и секоја друга форма на уметност. Прашањето е, дали архитектот го има револуционерниот слободен дух на пејачот или сликарот судејќи според архитектонските творби во времиња на морална криза. Дали архитектот е секогаш неутрален?

Овој текст нема за цел да го дискредитира трудот на архитектот, туку да ја запраша неговата вистинска улога, како уметник, во општеството, земајќи ги предвид филтрите низ кои минува архитектонската идеја пред да добие формална манифестација во физичкиот свет.

Ако политиката има за цел да го развива, трансформира и води општеството и околината, ставајќи приоритет на одредени идеологии, политички креации, редистрибуција на ресурси и моќ, тогаш архитектурата, или пак, политичката архитектура, мора да започне како критичен соучесник на таквите нови процеси, преземајќи ризик од можноста да стане алиби на непосакувани случувања, и истовремено еднакво виновна. Исклучително е битно да се сфати улогата на архитектурата, и нејзината значајност вон политичките намери, но и неизбежната врска која мора да постои ако архитектот реши да има критична општествена позиција. Всушност, тука архитектот доживува дилема и диференцијација од другите уметници, бидејќи еден текстописец или сликар кој ги рефлектира проблемите во општеството, нема потреба, и некогаш нужно не треба да биде асоциран со актуелните политики, додека архитектот мора да биде медијана за неговите дела да доживеат финална форма, односно, физичка манифестација. Можеби, ако средишната позицијата на архитектот почне да се менува, тогаш архитектот ќе се занимава со вистинските проблеми над нечии владејачки каприци и потреби, користејќи ги нивните агенси за остварување на вистинските потенцијали на архитектурата. Но, како може да зборуваме за вистински вредности и потенцијали на архитектурата, кога архитектонската едукација сè уште нема исчекорено доволно напред во процесот на архитектонско освестување токму за ваквата критична позиција на архитектот, акцентирајќи ја опасноста од завршување под нечија диригентска палка. Дали архитектот бил отсекогаш злоупотребен, и дали таквата пракса овозможува перфидна комоција која го занемува и задоволува архитектот?

219021499_1804928629714204_1266572791936136983_n_resize

Архитектот мора да внимава и да биде свесен зад чија линија стои

Архитектонската едукација сè уште се фокусира на естетика, детали и создавање атмосфери, и притоа, го дифузира осетот за реалноста. Наместо да ја употребува својата единствена и специфична моќ – давање форма на инвентар од информации, архитектот излегува надвор од школото и слепо ги нуди своите услуги за естетика, детаљ и атмосфера на разноразни институции, кои не секогаш се на страната на подобрување на општествената состојба. Секако, архитектурата може да биде елитистичка, и нема потреба да биде критична и да се занимава со актуелните проблеми, но тогаш архитектот мора да внимава и да биде свесен зад чија линија стои, за да не се најде, непосакувано, таму каде труло ќе твори.

Токму идејата за давање форма на секојдневните проблеми и околности, ме наведува да размислувам за отворање на инвентарот на архитектот вон триото наречено „естетика – детаљ – атмосфера.“ Оттука и мислата за квалификација на други елементи како исконско архитектонски, како на пример неупотребен простор, парче пејзаж, или вода и воздух. Ако треба и нужна дисоцијација на зградата како единствената физичка појава на архитектурата. Но, во денешно време, кога зградата е толку длабоко поврзана со манифестот на архитектурата, неградењето е можеби став на архитектот кој критично го рефлектира времето и ситуациите во кои се наоѓа, односно архитектонска апстинација.

218613918_915252619071450_7838608220610271092_n_resize

Архитектот целосно неслободен и заглавен во интересите на инвеститорите

Погледнете го Скопје, натрупано, небезбедно и загадено. Архитектот целосно неслободен и заглавен во интересите на инвеститорите, политичарите и управителните организации. Уметност сведена на административна логика, а архитектот заробен во маргините на РЛ и ГЛ. Нема крај, нема крик, нема слобода, нема бунт, нема протест, нема спротивставен став, нема глас. Во еден ваков критичен момент, моќта на архитектот е да каже „не“, и да почне да ги гледа вистинските проблеми во општеството, и да нуди архитектонски решенија таму каде има потреба. Зошто архитектот мора исклучително да биде поврзан со глаголот гради? Зошто архитектот да не руши, трансформира и апстинира? На пример, во Скопје има потреба од рушење, а не од градење.

KIR_0021_resize

Архитектурата се сведува на технички чин зад туѓи и неискрени верувања

Конечно, архитектот, во време на морална, градска и климатска криза, мора внимателно да одбира каде работи и што работи, и истовремено да разбере дека неговата архитектонска едукација нема потреба секогаш да заврши со зграда. Тој креативен процес на давање форма од мноштво информации, физичка или метафорична, може да биде искористен во други мултидисциплинарни проекти кои немаат амбиција да изградат зграда. Архитектот може да работи многу посложени задачи од градење зграда и ова мора да ни стане јасно, што побрзо, бидејќи неодржливата пракса на бетон што го гриза природниот предел само побрзо ќе ја влоши човековата состојба на планетата Земја. Градењето уште една зграда треба да биде одговор на некаков општествен проблем во момент кога ниедно друго решение нема да даде резултат, и ако веќе се донесе таква одлука, од исклучително значење ќе биде начинот и материјалите кои ќе се употребат за да се изгради таа зграда.

lk_resize

Последно, архитектот, како научник, истражувач и градител, но и како уметник, може да доживее слобода кога сам ќе ги детектира проблемите во околината, градот и општеството, и ќе интервенира без туѓи влијанија, желби и идеологии. Тогаш, архитектонската интервенција искрено би го рефлектирала времето и ситуациите во кои се наоѓаме. Во спротивно, улогата на архитектот доаѓа до можна злоупотреба, а архитектурата се сведува на технички чин зад туѓи и архитектонско неискрени верувања.

Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх., м-р пејз. арх.

© 4Archive

Испрати коментар

Scroll To Top