Јапонскиот архитект Кенго Кума се смета за еден од најважните архитекти во светот. По дипломирањето на Универзитетот во Токио во 1979 година, ги продолжил студиите на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Денес, има четири архитектонски бироа – најголемото е во Токио, потоа во Париз, Пекинг и Шангај. Неговиот стил го карактеризира враќање кон природата и чувство за природа преку боравок во затворено. Тој е исто така творец на новиот Олимписки стадион во Токио, кој беше изграден токму според неговата визија (за што пишувавме во Порта 3) – дека дизајнот е одраз на емоционалната содржина на материјалот и хармонијата со природата, произлезена од традиционалното поимање на јапонскиот стил на градење.
Ви го пренесуваме во целост интервјуто со прочуениот јапонски архитект дадено за порталот Нова.
Сигурно не замислувавте дека новиот стадион ќе остане без „бели дробови“ за време на Олимпијадата, бидејќи на крајот публика нема?
Секако дека сум тажен бидејќи многу работи се сменија не само во врска со стадионот. Кога го правев стадионот, не ни помислував дека ќе има барикади и дека нема да може да се дојде до него. Кога го проектирав, го замислував како целина за атлетичари кои ќе трчаат маратон и кои од Yoyogi Park, минувајќи покрај храмот Meiji Jingu ќе излезат на излезот кој ќе ги доведе директно до стадионот. Стадионот е замислен како едно големо стебло околу кое се илјадници вистински дрвја, додека коридорите на стадионот се пополнети со вегетација која природно освежува. Меѓутоа, поради големите горештини во лето, беше одлучено маратонот да се трча во Сапоро на северниот остров Хокаиду, каде што температурите во лето се пониски. Така што тој спортски контакт, кој би го поврзал стадионот со еден од најголемите паркови во близина, нема да се случи. Во меѓувреме, многу нешта се случија, а здравјето е најважно.
Вашата адреса во Токио е во стариот токиски кварт Кагуразака, каде што се и вашите две градби, сега култниот хангар Ла Кагу и храмот Акаги, претпоставувам дека тоа е вашиот омилен дел од градот?
Кагуразака е многу интимен дел од градот, јас живеам таму дваесет и пет години. Токио како град има значајна историја што се однесува до топографијата, а нејзе најмногу ја чувствувам на Кагуразака. Се вели дека Рим е град на седум ридови, а Токио ги има на стотици, многу исчезнаа поради развојот на самиот град, но Кагуразака е делот кој остана недопрен што се однесува до тоа. Многу улици имаат скали, а тоа ги одбива автомобилите, старите мали улици, со малите продавници, целосно го задржаа својот автентичен изглед. Потоа, ја сакам Аоjама каде што се наоѓа моето токиско биро. Во близина е храмот Meiji Jingu, алеата Gaien Mae ginko и шумата, сега е тамо во соседството и Олимпискиот стадион, таму играв тенис, а кога останував до доцна на факултет, на Ајома беше и мојата омилена сауна каде што одев пред да си одам дома.
Кенго Кума во храмот Акаги
Сега кога го спомнавте тенисот, не можам, а да не ве прашам што мислите за Ѓоковиќ. Дали знаете нешто за Србија?
Тој е толку непоколеблив, стабилен и силен. Ментално силен, заслужува големо почитување. Не ја знам Србија, но бев во Македонија, во Скопје, пред десет години. Бев поканет да одржам предавање и лично ме интересираше проектот кој архитектот Кензо Танге го направи за Скопје по разорниот земјотрес. Тој проект беше исклучителен, но само мал дел од него се оствари. Не знам дали се уште постои, но ми беше многу интересно на железничката станица во Скопје да го посетам кафе – барот, наречен Кензо Танге! Инаку, жал ми е да гледам како политичарите чудно го редизајнираа градот, разговарав таму со колегите и тие секако се многу несреќни поради тоа како изгледа градот денес. Тажно е да се види една таква состојба.
Направивте многу библиотеки. Наскоро започнувате да ја градите Библиотеката Ибзен во Норвешка, неодамна во Саитама, недалеку од Токио отворен e музеј со библиотека, додека на есен на Универзитетот Васеда во Токио, се отвара Интернационална куќа на литература, а во нејзина близина е Библиотеката на Харуки Мураками, ќе чува книги на овој голем писател. Можете ли да ни кажете нешто за тој проект?
Знаете, јас ја сакам книжевноста на Харуки Мураками. Библиотеката ја конципирав како еден вид книжевен тунел. Ја реновиравме старата зграда, петкатица, изградена од бетон во која некогаш бил театар за студенти, каде што доаѓал и самиот Мураками додека студирал на овој факултет. Ние ја пресековме зградата и ходникот за да можеме да направиме тунел, фасадата ја обоивме во бело и ја ставивме во дрвена рамка. Преку секој детал кој го внесовме во дизајнот на оваа библиотека, се обидовме да го евоцираме светот на Мураками. Првобитната зграда беше просечна, обична зграда која во таа своја обичност сепак поседуваше нешто посебно. Знаете, тоа откривање на нешто во нешто сосема обично е важна тема, бидејќи колку може да биде интригантен самиот наш секојдневен обичен живот. И тој концепт се провлекува низ книжевноста на Мураками. Истот се однесува и архитектурата. Ја пронајдов таа поврзаност помеѓу литературата и архитектурата и проектите на библиотеките многу ме радуваат.
Waseda International House of Literature, позната и како Библиотеката на Харуки Мураками
Неколку пати спомнавте дека прочуениот Кензо Танге ве инспирирал да се занимавате со оваа работа, покрај него, дали постои уште некој или нешто на кое особено му се восхитувате?
Кензо Танге беше херојот на моето детство. За време на Олимпијадата во 1964 година, ги видов неговите згради за прв пат и бев фасциниран. Но, после тоа, во седумдесеттите години, кога почна да ги гради сите оние монументални згради како онаа во Саудиска Арабија, се разочарав поради правецот во кој генерално се движеше модерната архитектура. Тоа беше времето кога почнав да студирам, па токму тогаш на некој начин останав без мојот херој. Потоа почнав повеќе да го истражувам традиционалниот стил, и делумно на мене влијаеа архитекти како Исои Јошида и Тоги Мурано, кои беа пионери на т.н. модерен суки стил, каде се користеа природни материјали и традиционална техника, но во една современа целина. Сакав да престојувам во хотелите кои тие ги работеле. И ден денес, сметам дека овие хотели имаат една посебна удобност.
Потоа, за време на студиите, мој идол стана мојот професор Хара, кој работеше на истражување на руралните згради низ целиот свет. Тој со себе водеше и групи студенти, па така со него стигнав до Сахара и сметам дека тоa е моето најдобро патување што било кога сум го имал. Таа фасцинација како куќите и селата се поврзани во однос на природата за мене е неверојатно фасцинантна, плус секое село има свој стил, имаат различна геометрија, декорацијата е различна како одите од село во село. Научив многу во Сахара. Се разбира, невозможно е методот на градба во Сахара да се прилагоди на условите во кои, на пример, се наоѓа современата јапонска архитектура, но тоа спонтано прилагодување на природата е нешто што имаше најголемо влијание врз мене лично. Притоа, јас и понатаму сум во потрага на некој свој оригинален метод на изградба.
Ibsen Library
Дали тоа патување во Сахара беше еден вид пресвртница во вашиот пристап кон архитектурата?
Сосема сигурно. По студиите кога почнав да работам, јапонската економија беше на својот врв, луѓето сакаа да градат некои чудни грандиозни проекти, направени се многу грди згради. Имав среќа работата на еден слично голем проект да биде откажана, па решив да отпатувам во внатрешноста на Јапонија. Роден сум во Јокохама, исто така во еден голем град, па така мојот единствен контакт со руралната средина, беше во лето заминувањето кај роднините кои живееа во зафрлено мало место на западниот брег на полуостровот Изу и многу убави спомени ме врзуваат за тој период. Кога решив да го напуштам Токио и професионално да се префрлам во тие помали места, тоа за мене беше на некој начин како враќање во местото кое го сакав како дете. Работев на овие мали проекти десет години. Тука го проучував и дефинирав мојот стил. Се запознав со традиционалната јапонска архитектура и сфатив дека јапонската традиционална градба е многу софистицирана, прецизна и дека тоа е некако премногу за мене. Сакав да се вратам на природата што е можно повеќе и истовремено да го поедноставам самиот процес на изградба.
Но, вашата архитектура е многу прецизна во изработката на деталите, вие исто така ја користите и традиционалната кумики техника?
Да, но мојата прецизност е сосема поинаква и многу поедноставна во споредба со јапонската традиционална прецизност. Научив како да работам кумики, но начинот на кој јас го користам е сосема различен во однос на традиционалната изработка и употреба.
Кој е вашиот омилен објект?
Куќата над водопадите на Френк Лојд Рајт во Пенсилванија. Тука зградата и природата се спојуваат во едно. И она што е неверојатно е дека дождовницата оди внатре во зградата. Обично кога дождовница ни влегува внатре, тоа е голем проблем, но тука влегува и излегува, и тој дух на таа идеја како Рајт го искористил тој природен феномен како дел од дизајнот, многу ми се допаѓа.
За крај, дали може да ни кажете како ја гледате иднината на архитектурата и која е главната цел на архитектурата денес?
Мислам дека рециклирањето ќе биде најважната стратегија за новата изградба. Ние веќе направивме некои згради користејќи исклучиво рециклирани работи како за ентериерот, така и за екстериерот. За два ресторани во Токио, искористивме стари велосипеди и тркала и од тоа направивме фасада за нова зграда, а внатрешноста ја направивме од компјутерски кабли. Што се однесува до целта, архитектурата долго време беше инструмент на доминација над природата. Ја уништувавме. Денес, архитектурата треба да биде инструмент за враќање во природата. Се разбира, тоа враќање не е лесно, но мислам дека е остварливо, дека треба да биде најважната цел, и мислам дека јас лично можам да стигнам до таа цел.
Извор: Нова; со Кенго Кума разговарала Татјана Младеновиќ