Словенија веќе со години работи во област која ние се` уште не сме ја започнале – поттикнување на изградба на нискоенергетски куќи и згради за физички лица, компании но и за јавни намени. Во програмата за користење на словенечкиот Фонд за климатски промени за периодот 2021- 2023, усвоена од страна на владата, на Еко фондот му се доделени 22,7 милиони евра за поттикнување на изградбата на објекти со висока енергетска ефикасност.
Во актуелниов период, Еко фондот подготвува два нови јавни повици. Првиот ќе биде наменет на физичките лица, а вториот за општините и стопанството. Сите кои веќе започнале градба, после 1-ви јануари годинава, ќе можат да добијат бесповратни средства, што ќе се докаже со фактурите за извршените работи после тој датум. Висината на неповратната помош ќе се утврди согласно пресметаниот трошок за енергија за греење, ладење, начинот на градење и видот на вградениот термоизолациски материјал, како и според површината на зградата.
Граѓаните исто така ќе имаат пристап и до кредит со каматна стапка од тримесечен еурибор +1,3%, и рок на отплата до 20 години. На општините ќе им се понудат субвенции за изградба на речиси нултоенергетски јавни згради, како што се згради од општо значење за заедницата (згради за култура и забава, музеи, архиви и библиотеки, зградствени установи, спортски објекти и сл.), како и за изградба на згради за посебни општествени катергории (домови за стари лица, студентски домови и сл.), односно згради на јавната управа (месни канцеларии, општински згради). Субвенциите ќе бидат достапни и за новоградби со речиси нулта потрошувачка на енергија кои се во сопственост на правни лица. За изградба на згради во сопственост на општините и правните лица ќе бидат наменети 16.7 милиони евра. Општините и правните лица исто така ќе имаат пристап до кредити по каматна стапка од тримесечен еурибор +0% и рок на отплата до 15 години. Благодарение на субвенциите, Словенија уште во 2013 година имала речиси 250 вакви семејни куќи. Акцискиот план за изградба на вакви куќи е донесен уште во 2015 година.