Сите што возат точак или пешачат низ Скопје се научени да бидат екстра внимателни, да внимаваат доволно и за себе, но и за возачите на авотомобили. Како што одминува денот, оваа будност станува поголема, а кулминацијата е во доцните ноќни часови кога возењето на автомобилите е агресивно и често фатално.
Токму заради овие причини, 87-мата Критична Маса која што ќе започне денес, 28 јули во 21 часот од плоштадот Македонија е именувана „Бараме мерки за ноќните ѕверки“ и е посветена на безбедноста во сообраќајот и на системските промени што треба да се направат за да се заштитат поранливите.
Преку возењето, НаТочак бара сериозни инфраструктурни интервенции на сообраќајниците во градот што ќе ја намалат брзината на автомобилите и ќе обезбедат патот за најранливите учесници да биде најбезбеден, а не обратно. Истовремено, тие апелираат во полициските билтени, официјалните статистики, обвиненијата и медиумите да престанат да се употребуваат термините „сообраќајна несреќа“ и „незгода“ за случаи каде што има свесно несовесно возење. Во описот на Фејсбук настанот има и детална листа на мерките што НаТочак очекува да се применат за да исполнат барањата.
Исто така, ќе се вози и за сите жртви на сообраќајните убиства во Скопје, а како дел од возењето е предвидено и поставување бел точак (ghost bike) во Скопје на пешачкиот премин на бул. Кочо Рацин каде што Билаљ Љамалари кој беше прегазен и кратко потоа го изгуби својот живот.
„Ова е трет ваков точак што ние заедно со скопските велосипедисти го поставуваме во Скопје, и се надеваме дека ќе биде последен. Редно време е институциите да се запрашаат дали можеле да го спречат ова убиство во сообраќајот, да преземат дел од одговорноста и да почнат да ги спроведуваат мерките што веќе со години ги бараме“, изјавија од НаТочак.
ВАЖНО за оние што сакаат да присуствуваат на поставувањето на белиот точак, а нема да возат Критична Маса, можат да се приклучат на пешачкиот на бул. Кочо Рацин кај Црвен Крст кај 21:20-21:30 часот. По барање на семејството се молат присутните да не носат цвеќе или запалени свеќи.