Победниците на Олимписките и Параолимписките игри во Токио се одликуваат на подиуми изработени од 24,5 тони пластика, собрани од отпад од домаќинствата.
Во Јапонија секогаш сè е поинаку. Така беше и овој пат кога совесните граѓани собраа 400.000 пластични шишиња во текот на девет месеци, кои ги оставаа во 2.000 кутии поставени во стоковните куќи и училиштата низ Јапонија. Целиот проект го осмисли и организираше јапонскиот уметник Асао Токоло со една важна цел.
Пластичниот отпад помина низ процес на рециклирање, а потоа е користен во процес на 3Д печатење, при што беа произведени 98 подиуми кои се користат за време на Олимписките игри.
Оваа иницијатива е дел од поширокиот план, широки маси да се вклучат во планот за одржливост на целиот настан, што е и направено со собирање стари електрични уреди кои се претворени во медали за овогодинешните Олимписки игри.
„Подиумите се создадени со цел да му се покажат на целиот свет различни начини на кои може да се воспостави одржливо општество и целото јапонско општество да се вклучи во процесот на производство на подиумите“, објасниле организаторите за Dezeen.
Секој од подиумите е изграден од низа меѓусебно поврзани модули во форма на коцки за да во завршниот облик се формира традиционален подиум со три постоља. Алтернативно, тие можат да се претворат во рамна, достапна платформа за потребите на Параолимписките игри.
Индиго боја
Модулите се отпечатени во иста темно сина боја како и логото Токио 2020, во чест на историското производство на индиго боја во Јапонија.
„Подиумите ќе изгледаат различно во зависност од количината на светлина која ќе продре, така што со нетрпение очекуваме да видиме како ќе изгледа подиумот во близина на базените каде светлината се рефлектира од површината на водата“, објасни Хироја Танака.
Слично како и олимпискиот факел за Токио 2020, дизајниран од Токујин Јошиока, олимписките прстени на предниот дел на подиумот изработени се од рециклиран алуминиум, кој првично се користел за формирање привремени домови за раселените поради земјотресот во Источна Јапонија во 2011 година.
Пластиката и ОИ
Покрај употребата на отпадни материјали за создавање на култни олимписки реквизити, Организацискиот комитет „Токио 2020“, постави и цели за повторна употреба или рециклирање на 65% од својот отпад создаден за време на Игрите, како и за рециклирање на 99% од набавениот материјал за потребите на Олимпијадата.
Компанијата Procter & Gamble, која е спонзор на ОИ, објави дека подиумите ќе бидат повторно рециклирани по завршувањето на натпреварите, за понатамошно производство на шишиња за шампони и детергенти.
Имено, оваа компанија минатата година беше прогласена за седми по големина загадувач со пластика во светот. Сите 24,5 тони пластична амбалажа која е користена за изработка на подиумите изнесува помалку од 0,004% од вкупните 714,000 тони пластика колку што оваа компанија произведува на годишно ниво.