Со настап на Градскиот дувачки оркестар и изложбата „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“, Град Скопје вчера го отвори реновираниот кеј „13 Ноември“.
Како што посочуваат од Град Скопје, со реконструкцијата е опфатено поплочување, патека за лицата со попречености, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт-клупи, корпи за отпадоци, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“.
На новинарско прашање за движење на возила по кејот, Шилегов изјави дека дозвола за движење по реновираниот кеј ќе имаат најмногу дваесетина возила.
„Во овој момент ниту едно возило нема добиено дозвола, не очекувам дека такво нешто ќе се случи. Во најлошата варијанта ќе бидат околу 20 возила кои ќе може да сообраќајат еден час наутро и еден час попладне. Дотурот на роба ќе оди преку ГТЦ бидејќи рестораните се дел од економскиот оператор на ГТЦ и оттаму може да вршат дотур на роба“
Реконструкцијата почна да се реализира во февруари годинава, а чини 1.5 милиони евра.
Фото: КИРО ПОПОВ