Насловна / Вести / Јавниот градски превоз во Прилеп започнува со работа

Јавниот градски превоз во Прилеп започнува со работа

javen prevoz - prilep

 По неколкумесечно одложување на проектот од страна на локалната самоуправа, јавниот градски превоз во Прилеп денеска стартуваше со работа. Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП за ПУП) е организатор на проектот, кој се состои од три градски линии на кои ќе сообраќаат шест автобуси. Јавниот превоз е предвидено да функционира секојдневно, во периодот помеѓу 6.30 и 22.30 часот, и тоа на секои 30 минути во периодите помеѓу 6.30 и 9.30, 12.30 и 16.30 и 20.30 и 22.30 часот, додека во останатите делови од денот автобусите ќе сообраќаат на секој час. Цената на едно возење изнесува 20 денари, но на граѓаните им се достапни и дневен, викенд, неделен, месечен и годишен билет. Дневниот билет чини 50, викенд билетот 120, неделниот 250, месечниот 600, додека годишниот билет 6.000 денари. Поволности има за учениците и студентите за кои месечниот билет е со цена од 350 денари, а бесплатно е за лицата со посебни потреби.

Јавниот превоз во Прилеп ќе има најсовремен систем за наплата во земјава, со употреба на електронски картички што граѓаните еднократно ќе треба да ги купат и да ги надополнуваат со одредена сума. Наплатата ќе се врши преку електронските поништувачи на билетите, кои се инсталирани во секој автобус. Вториот начин е плаќањето во готовина во самиот автобус, за што граѓаните ќе добијат фискална сметка. Општина Прилеп отвори посебен пункт во центарот на градот за продажба на електронски картички, а екипите на ЈП за ПУП во изминатиов период ги обележаа автобуските станици низ целиот град и поставија електронски табли за информирање на патниците.

Локалната самоуправа во текот на претстојните месеци ќе набави дополнителни пет автобуси и електрични комбиња за две нови линии, но се очекува и донација на автобуси со кои ќе се воведат приградски линии кон Тополчани, Мало и Големо Коњари, Големо Радобил и кон Мариово. За јавниот превоз во Прилеп е изготвена и студија за оправданост од воведување на јавниот превоз од Сообраќајниот факултет во Битола.

 

Испрати коментар

Scroll To Top