Насловна / Вести / Во 2020 година, на ниво на цела држава, 277 велосипедисти настрадале во сообраќајни незгоди

Во 2020 година, на ниво на цела држава, 277 велосипедисти настрадале во сообраќајни незгоди

Од МВР информираат дека од почетокот на годинава на подрачјето на Скопје имало 116 незгоди со велосипедисти од кои три се со смртни последици, 15 со тешки телесни повреди, во 63 сообраќајки жртвите се здобиле со телесни повреди и 35 сообраќајни незгоди со материјална штета. Најчести причини се неприлагодената брзина на движење и непочитување на поставената сообраќајна сигнализација (хоризонтална, вертикална и светлосна). МВР потсетува дека се спроведуваат зајакнати акциски контроли, како и проекти и кампањи од областа на превенцијата и оти ваквите мерки и активности ќе продолжат и во иднина со цел зголемување на сообраќајната свест и безбедност на сите учесници во сообраќајот.

то_resize

Според статистичките податоци на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) изминатата  2020 година, на ниво на цела држава, 277 велосипедисти настрадале во сообраќајни незгоди. Најголем дел од нив, или 209 велосипедисти, за среќа поминале со полесни повреди, 63 поминале со тешки повреди и за жал, петмина го загубиле животот, од кои четворица биле повозрасни.

тт

Од неформалната група скопски велосипедисти „На точак“ велат дека несоодветната градска инфраструктура, поточно широките сообраќајни ленти и претесните тротоари и велосипедски патеки, ги доведуваат во опасност, пред сè, пешаците и велосипедистите и во сообраќајните незгоди страдаат токму овие ранливи категории.

„На Точак“ велат дека не помалку виновни се и возачите кои не ги почитуваат велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.

то3_resize

„Повеќе пати апелиравме до Градот на овие недостатоци, но изгледа тие иако почнаа да преземаат мерки со ослободување на тротоарите и изградбата на соодветните велосипедски патеки, тоа сè уште не доволно. За тоа говори последната случка, кога на 13 јули, педесет и четиригодишен скопјанец загина со велосипед, откако во него удрил автомобил со кој управувал 20-годишник на булеварот „Кочо Рацин“ – велат од „На точак“.

то2_resize

Тие очекуваат дека улиците и велопатеките ќе бидат проектирани така што ќе  се безбедат ленти за возење според стандардите, како и семафорски систем кој ќе гарантира поголема безбедност.

„Додека не стигнеме до нула жртви, не сме направиле доволно. Сакаме министер за внатрешни работи кој по секој изгубен живот во сообраќајот ќе најавува нова порадикална измена на Законот за безбедноста во сообраќајот и порешителна акција од полицијата против прекршителите, обвинителство кое правилно ќе ги квалификува овие злодела и нема да го привилегира неодговорното управување, како и суд кој нема веќе да досудува условни казни за убијци“ – нагласуваат од „На точак“.

тоо1_resize

„Најчесто возачите не ги почитуваат велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот, па често пати преземаат дејствија со кои ја загрозуваат нивната безбедност, како неправилно престигнување, свртување во десно без да се води сметка за велосипедистите, паркирање на велосипедска патека, итн. Но, и самите велосипедисти често ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи, возат ноќе неосветлени, возат во спротивна насока, заобиколуваат на семафор, затоа што не сакаат да го чекаат зеленото светло, поминуваат со велосипедот на пешачки премин, а не ја носат ниту потребната заштитна опрема“ – објаснуваат од РСБСП.

Оттаму констатираат дека сообраќајната инфраструктура за велосипедистите во континуитет и значително се подобрува, но сметаат дека има уште простор за подобрување и велат дека континуирано реализираат активности за едукација и на велосипедистите и на возачите во насока на подобрување на нивниот однос кон велосипедистите, но и за едукација на децата за основните правила и прописи во сообраќајот и за тоа како безбедно да учествуваат во сообраќајот како велосипедисти.

Испрати коментар

Scroll To Top