Девет градоначалници од Западен Балкан, потпишаа декларација со која прифаќаат да превземат доброволни мерки за намалување на загадувањето на воздухот во своите градови и општини, од кои најголем дел се наоѓаат во региони со јагленокопи и/или термоцентрали на јаглен. Декларацијата на градоначалниците е потпишана на неодамна одржаниот Форум на Енергетската заедница за праведна транзиција, а во склоп на иницијативата покрената од страна на Секретаријатот на Енергетската заедница и унгарскиот Зелен центар за Западен Балкан (Western Balkans Green Center – WBGC).
Иницијативата за региони со чист воздух (Clean Air Regions Initiative – CARI) е фокусирана на најважните извори на загадување на воздухот, како што се греењето на домаќинствата, индустријата и сообраќајот, а целта е регионите и заедниците да се поттикнат на делување во областа на квалитетот на воздухот на доброволна основа. Деветте потписници на декларацијата се: Бановиќи, Какањ, Маглај, Лукавац и Тузла во Босна и Херцеговина, Битола во Македонија, Плевлја во Црна Гора и Ниш и Нови Сад во Србија. Градовите и општините кои пристапија на иницијативата, ќе изработат, усвојат и спроведат акциски планови за подобрување на квалитетот на воздухот, со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница и WBGC. Исто така, ќе разменуваат и искуства и информации за напредокот и резултатите во другите региони и општини.