А П Е Л
до архитекти, урбанисти, планери од иницијаторите за конкурсот кај Треска
П О Т Т И К за сите оние кои чувствуваат потреба, желба и предизвик со својот професионален ангажман да направат добро дело.
Општината Центар во Скопје ја има привилегијата и одговорноста на управување со центарот на државата и од нејзе се очекуваат софистицирани идеи базирани на вистински идентитетски теми и високо вредни естетски интервенции во просторот. Од посебна важност во овој деликатен момент е што е распишан конкурс за изработка за избор на идејно решение за локалитетот на фабрика Треска.
Постои длабоко уверување дека овој потег е разумно делување, дека представува гарант за побогата идејност и позитивно ќе го одбележи времето кое го живееме.
Впрочем, успехот на институцијата конкурс е неприкосновен, а аргументацијата на конкурсот како компетитивен демократски процес е проверена.
Се предочува дека на овој простор постои висок јавен интерес и потреба од посебен суптилен планерски третман, дека се работи за локалитет со специфична меморија – genius loci и дека токму заради тоа претставува и причина и обврска и задоволство да се решава во синергија на сите дадености.
Специфично богато зеленило кое опстојува на локалитетот дава посебна димензија на задачата и покрај другото ќе ги тестира совеста, современоста и вештината на авторите на трудовите.
Топла подршка и многу среќа на учесниците на натпреварот.