Традиционалниот поим за фиксни ѕидови и неприлагодливи ентериери не се вклопува во приказната за урбаните средини каде потребите на луѓето се менуваат од ден на ден. Поради потреба од флексибилност, јапонското архитектонско биро Yaneura design ја проектирало куќата MOH House во Кјото, со површина од 72 квадратни метри, каде челична рамка ја формира нејзината суштина. Рамката овозможува создавање на модуларна и флексибилна куќа, во која заштедите на простор се на највисоко ниво.
Архитектурата е составена од хексаедар. Рамка на решетка поставена е преку целата локација, а шест површини се прицврстени за рамката за да се формира простор.
Тенки ѕидови, транспарентни ѕидови, дебели ѕидови, подови по кои не може да се оди и транспарентни подови се создаваат без потешкотии.
Системот на челичната рамка овозможува движење на просторите, дрвени подови, sидови и тавани се додаваат колку што е потребно за да се прилагодат на начинот на живот на сопствениците. Ѕидовите можат да се поместат за да се создадат помали или поголеми простории во домот. Ако сака, сопственикот може да добие поотворена или затворена основа.
Со максимално искористување на секој милиметар од расположивиот простор, овој дом е уреден на многу скромен, но функционален начин. Во моментов, кујната, трпезаријата и дневната соба припаѓаат на отворена основа, но ова решение мошне едноставно може да се промени, така што секоја просторија ќе добие посебно катче.
Паметните полици распоредени долж домот овозможуваат складирање на поширок спектар на работи, а поликарбонатните листови кои ја филтрираат светлината го прават ентериерот светол и транспарентен. Мебелот е подреден на минимализмот и класичната јапонска естетика, со акцент на прилагодливоста. Едноставноста е подигната на повисоко ниво благодарение на овој дом. Стаклените врати на куќата водат кон отворени простори и пропуштаат дневна светлина во домот. Прилагодени сини скали водат до просторија на горниот кат, а покрај неа има затворен простор за складирање.
„Ова е архитектура која може да ја промени својата форма како амеба во согласност со промените во околината. Со рамката како водич, дизајнот е продолжен и очекува куќа полна со живот“, велат проектантите.