Венециското биенале за архитектура, по следот од десет непречено организирани меѓународни изложби, во 2020-тата година повторно беше пресретнато од глобалните општествено-политички околности. Светската здравствена пандемија доведе до одложено соочување на современите архитектонски и урбанистички артефакти и до неверојатна едногодишна „пауза“ за преиспитување на актуелните архитектонски стојалишта.
Темата која беше поставена за 2020-тата година, прашање кое се однесува на одржливоста на светската човекова заедница, срочена во прашањето „Како ќе живееме заедно“, само ја потврди својата длабочина и суштественост останувајќи актуелна и оваа, 2021 година. Кураторот на овогодинешната експозиција, Хашим Саркис, декан на Факултетот за архитектура и планирање на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), очекува прашањето да поттикне воспоставување нов просторен договор, во контекстот на растегнатите политички поделби и растечкиот економски диспаритет. Според него заедништвото меѓу луѓето, но и генерално меѓу видовите, е сериозно загрозено од процесите на индивидуализација и дигитализација на реалниот простор. Во незавидна состојба е и архитектурата на домувањето исправена пред предизвикот да обезбеди поголема разновидност, достоинство и правичност, надминувајќи ги географските културолошки множества. Оттаму Саркис, повикува на една инклузивна глобална иницијатива во креирањето на новиот просторен идентитет, која би започнала со материјализација на архитектонските идеи, оваа година, во рамките на изложбените простори на венециското Арсенале, Џардини и Форте Маргера.
Графика 1: Ивана Чалоска
Во таа насока, проектот „Сега“, македонскиот претставник на Биеналето 2021 година, упатува на итноста за делување во просторно-временските аспекти на постоењето. Павилјонот – еден симболичен отсечок од мноштвото ја следи дедаловата дијалектика на отвореното наспроти затвореното, врамувајќи ги човековите потреби: чувството на заштита кое го нуди домот, наспроти отворениот симбиотски однос со средината во која опстојува. Македонската експозиција воедно ја користи и можноста да одговори на поставеното прашање вклучувајќи го индиректно и своето непосредно опкружување, Палацо Ѕорѕи, регионалната канцеларија на УНЕСКО за Европа, поставувајќи ја својата архетипска појавност во атриумот на оваа сугестивна ренесансна палата контрапунктирајќи ја нејзината високодиференцирана семантика.
Графика 2: Ивана Чалоска, Енес Север
Павилјонот се референцира на просветителскиот период во архитектурата, и на ставoт дека јазикот е нашата алатка за размислување, а во тој контекст елементите на архитектурата која ја создаваме нужно поттикнува дијалог, поставува прашања, а понекогаш истите и ги одговара. Дијалектиката се провлекува како структурен модел, не само во концептот, туку и во неговата материјализација. Притеснет од ѕидовите и кулите на Венеција, еден правоаголник, триаголник и една сфера, павилјонот комплетно пречистен од програма, ја елаборира релацијата меѓу високоапстрахираната форма и човечката сензација. Ставајќи ги еден наспроти друг дрвото и каменот, транспарентноста и масивноста, филигранството и робустноста, проектот цели кон медитација за населување на идни тектоники и дизајнирање на нови трансцедентални „тела“. Во оваа скулптура, набљудувачот се вовлекува во простор на шпекулативна гравитација, а неговите очекувања за целовитост и конечност на конструкцијата, се соочуваат со еден дисторзиран центар и порозна покривка, која дополнета со бинарната сенка фрлена на подот, ја разнишуваат неговата подлога и го дистрибуираат неговиот фокус во нејасна насока и еден Дедалов лавиринт на самопотрагата.
Графика: Ивана Чалоска
Идејата „Сега“ произлегува од сеприсутните културолошки наслојувања на денешното македонско, но и светско општество, и како што вели Хајдегер, изразува само еден момент во една човечка епоха, како и за неа специфичните начини на перцепција. Воедно, истата се обидува да се издигне над и да ја надмине културата на сегрегација на човековото тело и дух, токму преку нејзината структура од едноставни линии, густо збиени во една топографска филигранска сукцесија, која постепено го зграпчува етерот во потрага за заедништво и соживот. Во таа насока почитуваниот професор Митко Хаџи-Пуља забележа:
„Јас ја разбирам како дел од небесниот свод! Небото кое треба да го градиме заедно за сите! Небото е едно! Тоа е составено со соучество, партиципација на секој од нас, секој од нас е една вертикала, едно лично постојано воздигнување“.
Фотографија 1: Андреа Феро
Македонскиот павилјон беше официјално отворен, во рамките на вернисажот на Биеналето за архитектура на Венеција, од страна на комесарот Дита Старова-Ќерими, авторот и куратор Бекир Адеми, кураторот Јордан Шишовски и министерката за култура на РСМ, Ирена Стефоска. Заинтересираните ќе имаат можност да го посетат до 21 ноември оваа година.
Детали за проектот „Сега“
Комесар: Дита Старова-Ќерими
Куратор: Бекир Адеми
Кокуратор: Јордан Шишовски
Конструкција, материјализација и дизајн: Бекир Адеми/ БИНА [биро за инвентивна архитектура]
Логистика: Енис Абовски, Амине Адеми, Атанас Наумовски
Аудиоинсталација: Владимир Лукаш, Ѓорѓи Митревски
Текст: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Бекир Адеми
Графика: Ивана Чалоска, Енес Север
Учесници: Бекир Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи
Покровител: Министерството за култура на РСМ
Фотографија 2: Андреа Феро
Автор: Ана РАФАИЛОВСКА, дипл. инж. арх.