Култниот југословенски киоск K67, на познатиот словенечки архитект и дизајнер Saša Mächtig, на почетокот на минатиот месец се најде на њујоршкиот Times Square. Киоскот е поставен во рамките на проектот Times Square Transmissions 2021, и користен е како DJ кабина за пуштање музика.
Познатата „црвена кутија“ која се наоѓа на авенијата Broadway, помеѓу 45-тата и 46-тата улица, е едно од обележјата на југословенскиот индустриски дизајн. Модуларниот дизајн и изведбата од челик, стакло и фиберглас, се олицетворение на еден од ретките експериментални проекти во шеесетите години од минатиот век кои доживеале масовно производство. За време на Југославија, киоскот K67 бил незаобиколна глетка, а во него се наоѓаа трафики, билетарници, и сл. Во 1999 година запрено е производството на овој киоск, а дотогаш биле произведени околу 7.500 примероци. Иако најголемиот дел останал во Југославија, голем број од нив завршиле во странство – Полска, Кенија, Ирак, Нов Зеланд, поранешниот СССР, но и во САД. Единствениот и иновативен дизајн и паднал во око на стручњаците надвор од Југославија. Во 1970, тој е презентиран во Design (влијателно списание за архитектурата во тоа време), а набрзо е додаден во колекцијата на МоМА во Њујок, каде се чува и денес.
Во текот на мај, Интернет радиската станица на Greenpoint, The Lot Radio, промовирајќи ја својата локација, организирала група DJ-ови да пуштаат музика на Times Square. „Vintage црвениот киоск K67 од 1960 година така ќе стане DJ кабина. Посетителите на Times Square можат да уживаат во мелодиите и сцената лично или преку online видеопренос,“ пишувало на официјалната страница на радиото. Исто така, рекле дека заинтересираните можат да ја видат и внатрешноста на киоскот. Претседателот на Сојузот на Times Square, кој е одговорен за унапредување и промоција на Times Square, се пошегувал дека станува збор за внесување на малку Европа во Новиот свет и додал дека на организацијата киоскот толку и се допаднал, па можно е тука да остане и засекогаш. Би можело да се користи како туристичко информативно место или за продажба на храна и пијалоци, книги и весници.
Денес примерок од K67 може да се види и во Берлин, каде е познато туристичко место во кој се наоѓа најмалиот ресторан во градот, но и во Австралија каде се користи како станица за мерење на квалитетот на воздухот.