Многу дрвја значат и многу сенка, што значи помалку вештачка климатизација и поголема продуктивност во текот на летните месеци.
Зелените улици во Лондон отсекогаш биле пофалувани за нивната убавина – но неодамна и заради тоа што се силен сојузник во борбата против емисиите на штетни гасови и подобрувањето на квалитетот на воздухот.
Сепак, вредноста на дрвјата во урбаните области може да се мери и во пари. Според новиот извештај на британскиот Завод за национална статистика, се проценува дека дрвјата му заштедиле на главниот град повеќе од пет милијарди фунти (5,84 милијарди евра) во периодот од 2014 до 2018 година, само преку ладење на воздухот. Покрај тоа, држејќи ја температурата поднослива за работниците, дрвјата спречиле пад на продуктивноста и загуби од скоро 11 милијарди фунти, се вели во текстот објавен од Bloomberg.
Ова ја нагласува виталната улога што ја играат дрвјата во правењето на градовите подносливи и пријатни. Причината за спроведување на овие студии беше промовирање на засадување дрвја и одржување на зелените површини, вели Хазел Тренбирт од тимот на ONS Natural Capital, кој се грижи за заштеди и зеленило низ цела Велика Британија.
“Дрвјата во Велика Британија даваат многу поголема вредност на долг рок отколку што би добиле со еднократно сечење“, рече таа.
Дури 8,4 милиони дрвја, колку што има во Лондон, отстраниле 2.240 тони загадувачи (пред се озон) од атмосферата годишно, а тој процес инаку би чинел 126 милиони фунти.
Исто така, вредноста на запленувањето на јаглерод е 4,79 милиони фунти, а градот има заштедено 2,8 милиони фунти благодарение на фактот дека дрвјата го ублажија истекот на вода по врнежите.
Овие економски придобивки можат да ги потсетат властите и деловните субјекти дека им помага и работното место опкружено со дрвја, сместено во град со многу зеленило. И не сите дрвја се исти, па кога станува збор за ладење и зафаќање на загадувачи на воздухот, не е решение постарите дрвја да се заменат со нови, па и со засадување на повеќе стебла.
“Кога на старите дрвја им се заканува отстранување, честопати слушате – ќе засадиме десет нови стебла и ќе ги замениме“, вели Фил Вилкс од University College во Лондон, автор на студија што го мапира јаглеродот на дрвјата во Лондон и додава дека младите, малите стебла не можат да апсорбираат дури ни приближна количина јаглерод и за пет или десет години ќе биде многу полесно да се отстранат ако некој сака да го искористи земјиштето за други цели.