Воведувањето на бесплатен јавен превоз во Луксембург пред една година не ги промени драстично навиките на граѓаните. Тие сè уште не го користат многу.
Една година откако стана бесплатен, само двајца од 10 жители редовно одат на работа со јавен превоз. Шест од 10 лица сè уште патуваат со автомобил, велат податоците на државната агенција за статистика.
Со население од само 614.000 жители, Луксембург е една од најмалите земји во Европа и прва земја во светот во која од 29. февруари 2020 година јавниот превоз е бесплатен за сите.
Една од целите на проектот беше да се зголеми бројот на патници во јавниот превоз за 20 отсто до 2025 година.
Луксембург има огромен проблем со сообраќајот. Главните патишта редовно се во сообраќаен метеж, автобусите се старомодни, а железничката мрежа е позната по доцнење.
Околу 200.000 работници, што е скоро половина од работната сила на Луксембург, патуваат од Белгија, Франција и Германија, а ги привлекуваат добрите плати и богатата економија.
Гужви создаваат и „бензинските туристи“ од соседните земји, кои ја преминуваат границата поради пониските цени на дизелот и бензинот.
Изгубениот приход од билетите, како резултат на бесплатниот јавен превоз, е 41 милион евра, но тоа го компензираат даночните обврзници.
На многу работници во Луксембург, меѓутоа, државата го субвенционирала годишниот билет, така што всушност и претходно малку луѓе трошеле пари за превоз.