Измените на Законот за урбанистичко планирање денес се пред пратениците на собраниската Комисија за транспорт. Измените се иницирани од градоначалниците преку Министерството за транспор. Тие сметаат дека со ова освен забрзување на постапките за носење нов ДУП, прецизно ќе се регулира и суспензијата на планот кој отстапува од Генералниот.
Но, дел од предложените измени на Законот предвидуваат и исклучоци, кога сепак ќе може да се применува одреден ДУП, во случај кога ќе престане да важи ГУП. Токму овие одредби од членот 35 предизвикаа реакции во јавноста која препозна обид за „протнување“ спорни планови за градба.
Со измените предвидени со предложениот став 6 се додаваат два исклучоци од ставот 5.
„Во член 35 по ставот (5) се додава нов став (6) кој гласи:
‘(6) По исклучок од став (5) на овој член детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, се применува кога:
– намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;
– во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план, доколку е исполнет и условот од алинеја 1 од овој став’“, се вели во предложените измени.
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање се носи по скратена постапка во Собранието.
Најпознат случај на неусогласеност на ДУП со ГУП е просторот карши хотелот „Холидеј Ин“, односно ДУП Ц08.
За отворање вакви дупки во законот остро реагираше и УНЕСКО во извештајот на Реактивната мониторинг мисија и заклучи дека Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност.
Во извештајот, УНЕСКО нотираше дека мораториумот за градба во Охридскиот регион, донесен од општините Охрид, Струга и Дебрца, вклучувал неколку исклучоци, што во суштина го направиле мораториумот беспредметен.