Сместенa во предградието на Буенос Аирес, станбената зграда КОПА е структурирана околу централен двор. Дихотомијата помеѓу приватниот и јавниот простор е нејасна во оваа зграда проектирана со простори со различно ниво на интимност. Архитектурата може да се сфати како артефакт за дружење кој обезбедува простори за создавање микро заедници. Во оваа смисла, зградата за колективно домување и мешовита употреба со површина од 7500 квадратни метри, како КОПА, претставува истовремено фаза и развој на овие биолошки групирања.
Новите начини на живеење, овие нови режими нè поттикнуваат да го преиспитаме значењето на колективното домување и живеење во заедница.
„Приземјето на зградата КОПА претставува реинтерпретација на традиционале архитектонски облик, внатрешен двор, проектиран следејќи ригорозен модуларен систем, кој подоцна се користи слободно за да и се даде на зградата движење и карактер“, велат проектантите од бирото Ça Arquitectura за ArchDaily. И додаваат дека и покрај тоа што користат современ речник, „естетскиот јазик е народен јазик и токму тоа ја олеснува изградбата кај локалната работна сила, навикната на ваков вид работа“. Стандардната тула се користи на повеќе начини, искористувајќи ги своите квалитети.
Во централниот дел на зградата има парк кој ја интегрира природната вегетација и претставува јавен простор за жителите на заедницата. Северниот агол е слободен за да дозволи сончевата светлина да го преплавува централниот простор, додека топографијата дозволува просторен континуитет, генерирајќи нови ситуации и просторности. Внатрешниот двор е со класична архитектонска форма, неговите компоненти и логика се реконфигурирани со современ речник и одговараат на посебни потреби. Циркуларните галерии и секоја станбена единица се отвораат кон централното патио, давајќи му карактер на вистински јавен простор за средби меѓу жителите.
Ваквата организација ги користи посебните карактеристики на теренот. КОПА е изградена околу големи дрвја и има взаемно корисен однос помеѓу постоечките природни форми и оние модифицирани со архитектурата. Зградата се негува со вегетација и истовремено ја штити. Со уредувањето се создава екосистем кој ги зачувува веќе постоечките видови и засолништа кои вгнездуваат птици и инсекти. Додадената вегетација го следи овој екосистем и прилагодена е на локалните климатски услови, олеснувајќи го одржувањето и намалувајќи ја потрошувачката на вода и хемикалии за одржување.
Паркот содржи систем за компостирање и обезбедува органска почва во градината на заедницата, кој се наоѓа подалеку во горното ниво на паркот. Конструктивниот систем на двојни sидови, стакло, изолиран под и патеки покриени со стреа, значително ја намалува топлинската добивка во летните месеци и загубата во зима.
КОПА се наоѓа во делот на градското подрачје кој овозможува лесен пристап и до автопатот и до возот кои водат кон центарот на градот. Овие се најважните патишта за транспорт во регионот и се користат широко во социјалните сектори. Проектот ја разбира реалноста на деградираното, но сепак многу поврзано предградие и нуди начин на живеење помеѓу метежот на градот и пространоста на просторното предградие.
Зградите со средна густина кои не создаваат големи конгломерати или создаваат огромни инфраструктурни трошоци, можат да обезбедат приградски дом на приватна парцела за средната класа. Концептот е град со средна густина што не претставува бесконечна урбана дамка, со сите придружни проблеми на потрошувачката на енергија, ниту екстремно концентриран град кој се фокусира на друг вид проблеми, како што се појавата и ширењето на болести кај голема густина на популација.
КОПА е рефлексија на современите начини на живеење, улогата на периферијата и улогата на заедничките простори во создавањето на микро заедници.