Македонското Собрание на вчерашната седница по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Како ретко кој закон, овој беше поддржан и од власта и од опозицијата со 72 гласа „за“, три „воздржан“ и пет „против“. Пратеничката група на ДОМ е против донесувањето на овој закон. Со законот се отвара пат гаражи, остави и базени кои сопствениците ги граделе без дозвола, како и дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство, да можат да се легализираат. Легализација ќе биде дозволена и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.
Со законот се предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, односно осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и нема рок на важење – ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати. Исклучок се дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.
Сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат поскапи комуналии од она што би го платиле доколку имале дозвола за градба. Од плаќање на комуналии со овој закон се изземени корисници на парична помош од социјална заштита, државните органи и локалната самоуправа, како и верските организации.
Првиот Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти предвидуваше легализација на објекти изградени до 1 март 2011 година. Бидејќи со продолжување на законите дивата изградба само се стимулира, сега сè ќе се легализира со новиов закон каде рокот е кога тој ќе стапи на сила. Значи има уште време да си доизградите на диво пред да поднесете барање за легализација.
На оваа тема Порта 3 пишуваше повеќе пати изминативе години, можете да прочитате на следните линкови:
Ако сакате нешто да градите, градете слободно и потоа поднесете барање за легализација
Кој е без квадратен метар на диво, прв нека фрли камен!