Насловна / Архитектура / Охрид – непресушна инспирација

Охрид – непресушна инспирација

Не е едноставно да се зборува за Охрид, а тоа да биде кратко, јасно и стручно, без да се навлезе во теми кои се далеку од нашата област, архитектурата и урбанизамот, и без да се навлезе во непотребна патетика. Охрид е тешка тема, не само заради целата историска и идентитетско-културна конотација, која надвиснува над сите нас со тон кој опоменува, туку и заради тежината на децениски напластените проблеми. Според УНЕСКО местата кои заслужуваат да се вградат во списокот на светското наследство, треба да имаат исклучителна универзална вредност, кои исполнуваат барем една од десет културни или природни критериуми. Охрид е на тој список исполнувајќи четири од десет и се наоѓа меѓу само 39 светски локалитети кои имаат културно и природно значење. Во образложението на УНЕСКО понатаму се вели дека градот Охрид претставува ремек-дело на човечкиот креативен гениј и дава единствено сведоштво за културната традиција.

ннн

Кај оние кои не го посетиле Охрид и Охридското Езеро, овие податоци сигурно побудуваат восхит и предизвик да се дојде и да се види градот, како една од најстарите европски населби во која е и најстариот Славјански универзитет на Балканот и едно од најстарите и најдлабоки европски езера. Но, дали истиот восхит и свесност го имаат и оние кои така речиси и не излегле од него.

Во извештајот на УНЕСКО се вели дека „градот Охрид е разумно добро зачуван, иако неконтролираните постепени интервенции влијаат врз целокупната форма на монументалниот урбан ансамбл, како и на крајбрежјето и на поширокиот предел. Регионот е исто така ранлив на големи инфраструктурни проекти и други случувања во двете земји“. Извештајот предвидува дека главните закани за интегритетот на областа вклучуваат некоординиран урбан развој, несоодветен третман на отпадни води и цврст отпад, како и туристички притисок и низа други проблеми“.

ohrid-hero_resize

Ако се обидеме да го персонализираме градот најверојатно тој би се појавил како подвоена личност нешто како доктор Џекил и мистер Хајд. Д-р Џекил е оној наконтен господин изразен преку интелектуалниот стар град, концертите во Св. Софија, улици со калдрма врз која паѓаат сенките на неправилните еркери, кои се надвиснуваат над камените приземја, зајдисонцето на величествениот Плаошник како позадина на најпознатиот сценски мотив во регионот – црквата Св. Јован Канео.

Ohrid_-_Church_of_St._John_of_Kanevo_resize

Опачината е мистер Хајд, кој се појавува како сениште во накарадните баџи на традиционалните охридски кровови накитени со соларни панели или со надворешни единици на уредите за климатизирање на воздухот. Да не зборуваме за панаѓурот од содржини, форми, звуци, мириси и активности долж чаршијата и главните сообраќајници на градот.

Сепак државата има преземено низа формално-правни чекори во согласност со насоките на УНЕСКО за заштита на градот: Законот за заштита на културното наследство, Студијата за интегрирана заштита на старото градско јадро и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план се едни од нив. Сепак проблемите се евидентни, запишани се во Извештајот на УНЕСКО и се достапни за целата наша јавност и пошироко.

oh6_resize

Има уште еден значаен документ припремен од домашни стручни лица од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид: Извештај од увид во состојбата на споменичкото подрачје на Старото градско јадро на Охрид за критичните места кои се загрозени со важечката планска регулатива. Според извештајот, работната група вршела увид во важечката планска документација која е зафатена во границите на заштитеното подрачје. Притоа се утврдени низа проблематични состојби, лоцирани како критични точки кои негативно влијаат врз заштитеното подрачје. Извештајот е навистина исцрпен и детално изнесен на 27 страници. Во последниот пасус со наслов „Наследство во опасност“ се наведува дека покрај природните непогоди една од поголемите опасности за културното наследство е самиот човек. Покрај сите мерки за заштита на истото треба да се подигне и свеста, преку промоција и популаризација. Понатаму се вели дека ваквите историски градови ширум светот претставуваат борба на различни идеи за развој при евидентни конфликти на интереси, затоа предизвикот кај заштитеното градско јадро е да ја испреплете наследената урбана структура, идентитетот на градбите со бројните барања на жителите, посетителите и бизнисите.

oh3_resize

За „самиот човек“ како проблем говори и Борис Чипан во една од своите книги: „Во седумдесеттите години имаше предлог хотелско-туристичката зона да се резервира долж целиот простор на кејот, но Градскиот совет, на чело со претседателот, кој во таа зона имаше поголема површина во сопственост, одлучија просторот зад кејот да се испарцелизира во ситни локации за индивидуални куќи, и со тоа јужната фасада на булеварот остана соодветно неоформен“. Има и други пикантерии за улогата на „градските татковци“ во нивниот однос кон јавниот интерес одреден преку личната корист што говори за зрелоста на општеството да се носи со проблеми од ваков тип.

Сепак седум децении поминаа во несмасните обиди на општеството да го промени и култивира човекот како фактор во проблематизирање на развојот на градот независно во која улога и да е: политичар, жител, сопственик, бизнисмен, турист итн. Гореспоменатите документи и законски акти зборуваат дека Охрид можеби сепак треба да се третира поинаку од другите урбани средини.

oh1_resize

Охрид, како и сите останати наши градови и градовите од регионот, е постсоцијалистички град кој веќе три децении се обидува да го најде својот специфичен урбанистички балансиран развој во процесот на приспособување на капиталистичкото уредување, условите на слободниот пазар и објективната должност кон историјата, која патем речено нема само национално значење. Слободните урбанистички потези во услови на државна сопственост врз земјиштето се претворија во згрчени обиди да се регулираат развојните правци на градот и општината, вклештени помеѓу сè понагласениот приватен, наспроти сè позамаглениот јавен интерес. Во тој конфликт најфрагилен излегува градот и неговите суштински карактеристики и вградени квалитети.

Во периодот на транзиција, кој никако да заврши, градовите ширум земјава се градеа повеќе автоматски според урбанизам кој сè уште ги следи инвестициските иницијативи и сесрдно им помага да се реализираат. Словенечкиот урбанист и професор Јанез Кожељ тоа го нарекува „привиден урбанизам“, кој спротивно на својата задача не го насочува развојот туку само го следи.

Реструктурирањето на историското јадро е неопходно, при што треба да се напомене дека проблемот на сообраќајот кој во Охрид со децении се избегнува, е еден од потешките. Исто така, важно е и осовременувањето на стопанската динамика заглавена во времето некаде пред повеќе од педесетина години.

oh4_resize

Градот е неопходно да добие „специјален третман“ од аспект на урбанистичко планирање и архитектонско проектирање и дизајнирање преку нов и креативен придонес на домашните, но и на странски стручњаци преку натпревар на идеи, концепти, па и школи, пракса која сметам свесно ја избегнуваат градските управи. Имено, лично можам да посведочам дека Факултетот за архитектура и дизај досега организираше седум меѓународни летни школи, кои беа раководени од еминентни европски и светски архитекти: К. Рогина, В. Пенезиќ од Хрватска, Ј. Цукамото и М. Кајиџима од Јапонија, Симон Хартман од Швајцарија, Деан Лах од Словенија, М. Диксит од САД и Х. Трап од Австрија. Ниту еден од нив не беше повикан од градоначалниците на Охрид на разговор, ниту беа удостоени со нивно или со присуство на лица од градскиот естаблишмент на инспиративните предавања. А Охрид и околината беа секогаш тема на школите, при што објективната географска, културолошка и социолошка дистанца на архитектите придонесоа за навистина различен дискурс од востановениот домашен.

Некои меѓу нив, за ваков тип на градови, предлагаат тактика на мали зафати, кои се покажале како оперативен компромис помеѓу неефикасноста и инертноста на урбанистичките планови, кои настојуваат да го контролираат и онака недефинираниот развој на градот. Алтернатива на големите зафати би биле поединечните проекти кои се меѓусебно поврзани и се дополнуваат. Уредениот изглед на јавните простори и убавината на архитектурата (традиционалната или современата) треба да станат значајни јавни вредности какви што во Охрид недостасуваат и во историскиот, и во останатиот дел на градот или се далеку од „убави“ – делот кај чинарот, долж чаршијата, плоштадот итн. Можно е и воведување разни пилот-проекти кои не се базираат на важечките прописи за да се испробаат некои нови пристапи и нестандардни решенија.

oh2_resize

Охрид како современ одржлив град, во кој грижата за културното наследство е еден од факторите на одржливост, е долгорочна цел која кај нас тешко се постигнува. До него се доаѓа со постепено реструктурирање на постоечкиот град и на неговите недостатоци, при што е потребно тој постојано да се приспособува и систематски во него да се имплементираат потребните елементи од секаков аспект. Сепак, користа од воведувањето на политиките на одржливост може да се оствари само преку синергијата помеѓу интегрираната заштита на историскиот град, одржливиот сообраќаен систем, градежништвото, инфраструктурата, енергетскиот систем, заедницата и управувањето со градот. Притоа, треба да се насочи јавноста кон прифаќање на промените и зголемена партиципативност во донесувањето важни одлуки за развој на градот.

Автор: Проф. д-р Мишко РАЛЕВ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top