Планетата на која живееме се загрева, глечерите се топат и се повлекуваат, а водата се акумулира и се формираат езера. Научниците предупредуваат дека поради тоа, се поголем број луѓе на глобално ниво се загрозени од поплави, пишува Гардијан.
Од 1990 година, обемот, површината и бројот на такви леднички езера се зголемија за 50 отсто на глобално ниво. Кога ваквите езера ќе се преполнат, постои ризик тие да се прелеат, ослободувајќи огромни количини вода, што може да предизвика катастрофални поплави.
Стивен Харисон, професор по климатски и еколошки промени, вели дека научниците се особено загрижени за многу стрмните планински долини на Андите и Хималаите, каде што огромните глечери се спуштаат кон стрмните долини.
Корелацијата помеѓу зголемувањето на температурите и поплавување на езерата предизвикана од топење на глечерите е комплицирана. Иако создавањето и зголемувањето на бројот на езера може да се припишат на човечки фактори и климатските промени, катастрофалните поплави може да бидат предизвикани и од неклиматските фактори како што се земјотреси, лавини или обилни дождови.
Еден од параметрите што ги прави езерата потенцијално опасни за луѓето е бројот на жители кои живеат низводно и може да бидат изложени на поплави. Тој број може да се движи од неколку стотици до неколку стотици илјади.
Постојат низа фактори на ризик што го оневозможуваат проценувањето на бројот на жители кои би можеле да бидат загрозени на глобално ниво. Студија од 2016 година откри дека досега се регистрирани најмалку 1.348 поплави на езера формирани од глечерите во светот, а 24 отсто од нив до одредена мера влијаеле врз човечката заедница.
Повеќе од 12 илјади смртни случаи се припишуваат на ваквите поплави. Забележано е дека Централна Азија е најпогодена област, следена од Јужна Америка, потоа Алпите, Исланд, Скандинавија, северозападна Америка и Гренланд.
Авторите ги идентификуваа Јужна Америка и Централна Азија како региони каде што може да има најмногу смртни случаи, екстремни оштетувања на инфраструктурата, како и поплавување на земјоделско земјиште и уништени домови и патишта.
Меѓународната комуникација и соработка се клучни за спречување на смртоносни поплави. Имено, студија чии резултати беа објавени минатата година идентификува 47 потенцијално опасни леднички езера чиј одлив може да го погоди Непал. Дваесет и пет биле откриени во Кина и еден во Индија.
Експертите сметаат дека е многу важно за непалските власти да разговараат со Кинезите за да се обидат да го решат проблемот со заеднички напори.
„Ранливите“ земји со големо население и инфраструктура кои се во опасност од поплавување на глацијалните езера започнаа трка со времето, обидувајќи се да инвестираат во системи за подготвеност кои ќе спречат катастрофален исход во случај на поплави, пренесуваат агенциите.