Шума со кинетички шипки долга 61 метар ќе се заниша на ветрот и со тоа ќе создаде визуелен ефект што ќе ги привлече погледите на минувачите.
Со своето решение, СМАР Архитектурно студио победи на меѓународниот натпревар за новото обележје на Силиконската долина – центарот на ИТ индустријата лоцирана на југот од заливот Сан Франциско во Калифорнија, САД.
Натпреварот бараше атрактивен дизајн на симболична структура, која ќе стане обележје на овој светски центар за иновации, истовремено создавајќи интересно искуство за престој и за туристите и за локалната заедница.
Победничкиот проект, наречен Breeze of Innovation, се состои од вкупно 500 шипки од не’рѓосувачки челик. Тие не само што создаваат динамична структура, туку и нивното движење ќе произведе доволна количина електрична енергија за осветлување на обележјето.
Конструкцијата висока 61 метар ќе има јаз во форма на конус, во кој може да се влезе. Застаклениот изложбен павилјон во подножјето, како и кафулето и платформата за набудување на пејзажот, треба да ги охрабрат активностите на самото место и интеракцијата на корисниците со обележјето.
“Суштината на Силиконската долина не е во копирање на минатото, туку во обликување на иднината. Нашата цел од самиот почеток беше да го овековечиме моментот на постојано менување на магијата на Силиконската долина, истовремено создавајќи длабока врска со заедницата во Сан Хозе“, велат од СМАР Архитектурното студио, како што објави ArchDaily.
Локацијата за идното обележје треба да биде во делот на Арена Грин, сегмент од парковите и градините на реката Гвадалупе, а неговиот дизајн треба да му оддаде почит на некогашното обележје на Сан Хозе, електричната светлосна кула од 1881 година. Претходното обележје беше зграда што беше дизајнирана со намера да го осветли центарот на градот, која иако на крајот не ја исполни зацртаната цел, стана симбол на градот.
“Заради историјата на градот, дојдовме до идеја да дизајнираме динамичен белег, оној што е жив, ќе се движи заедно со ветрот и светлината и претставува магичен простор што вклучува омаж на зградата на електричната кула за светло. Ние сакаме посетителите да уживаат во уникатно искуство, поврзувајќи се со историјата на Силиконската долина во исто време кога фантазираат за идните можности“, додаваат од СМАР Архитектурно студио.