Во Словенија дојдов како студент на постдипломски студии на Одделот за индустриски дизајн на Академијата за ликовни уметности, веќе далечната 2004 година, веднаш по дипломирањето на Архитектонскиот факултет во Скопје. Уште за време на студиите почнав да работам најпрво како надворешен соработник во проектантски бироа за помали идејни проекти, кои подоцна доста брзо пораснаа во поголеми со коишто и практично „бев во бетон до колена“. Како архитект своето професионално искуство го добивав во повеќе докажани архитектонски студија во коишто имав можност многу да научам.
Љубљанска берза
Како аутсајдер во една прилично херметична професионална сцена, каде што апсолутна „alma mater“ е Факултетот за архитектура на Љубљанскиот универзитет, на почетокот бев прилично загрижен дали сум доволно добар и дали ќе можам да им „парирам“ на останатите млади локални архитекти.
Љубљанска берза
****
„Стравот за мојата наводна „неподготвеност“ се покажа дека е неоснован. Токму нашето образование ми беше и предност. Добрата техничка поткованост, широкогледноста, креативниот пристап и историската писменост се адутите заради кои и денес од помладите архитекти во бирото добивам прашања од типот „Од каде ги знаеш сите овие работи?“ – на коишто следува одговорот „Сме ги учеле на факултет!“ На некои предавања од професорите од Архитектонскиот факултет и ден денес многу добро се сеќавам, и тие секојдневно ми користат.“
****
Љубљанска берза
Првите посериозни проекти се поврзани со проектирање семејни куќи во нискоенергетска и пасивна изведба во специјализирани за тие намени градбени системи.
Понатаму со бирото Садар+Вуга, едно од водечките студија на словенечката сцена, работев на објекти од поголем обем. Посебно сум горд на спортската и повеќефункционална сала – арената Стожице, каде што го водев проектирањето на главниот проект и вршев проектантски надзор. И токму тоа искуство беше причина да ме повика професорот Томаж Крушец во својот тим, за да соработувам на проектот за новиот Фудбалски сојуз на Словенија (новиот спортски објект и новата зграда на Управата).
Љубљанска берза
Во тоа време стекнав државен статус преку словенечкото Министерството за култура, посебен тип на статус кој се доделува на докажани уметници кои придонесуваат кон државната култура и уметност. И токму ова „признание“ лично ми овозможи неврзано да работам и да соработувам на проекти во повеќе различни по карактер архитектурни студија (во едно такво студио ја сретнав и мојата сегашна бизнис-партнерка и пријателка Ана Коси, со којашто во 2017 г. основавме наше сопствено биро, „Коси и партнери“). Во 2019 година конечно ја стекнав државната лиценца за овластен главен и одговорен проектант. Моментално нашиот тим брои 8 архитекти.
Љубљанска берза
„Креативното его“ наспроти прагматичното – Што е најдобро за еден проект?“
„Коси и партнери“, бирото што го водам и сум главен проектант, за неколку години веќе доби некој таканаречен „имиџ“ којшто постојано го градиме, и во последно време добиваме сè поголеми и поинтересни проекти, победуваме на конкурси…
За некои од проектите веќе добивме награди на државно и на меѓународно ниво, како на пример два пати во последните три години за државен ентериер на годината.
За интериерот на Љубљанската берза ја добивме и Златната награда на интернационалната Германска награда за дизајн, со одликата „одлична архитектура“. Во нашиот млад тим кој сè уште е во развој, ги согледуваме и предностите во здружувањето со други тимови и поединци со цел што подобра изработка на квалитативна архитектура.
Љубљанска берза
Пробуваме да го кротиме „креативното его“ и да размислуваме прагматично – Што е најдобро за еден проект?“ Конкурираме со нашиот „непретенционизам“. На тој начин им конкурираме на поголемите и подокажани студија, а во скоро сите наши проекти соработуваме и вклучуваме дополнителна армија од графички дизајнери, илустратори, сликари, кипари, индустриски дизајнери, дизајнери на светло итн.
Архитектурниот ритам како просторен адут
Проектот за Љубљанската берза (https://www.kip.si/colonnade) e добитник на Златната награда на интернационалната Германска награда за дизајн, со одликата „одлична архитектура“ како и словенечката државна награда Интериер на годината за 2018 година. Проектот подразбираше целосна обнова на деловниот простор на берзата којшто целосно нефункционален, со дотраени инсталации, непотребен мебел, декор од некое друго време…
Љубљанска берза
Започнавме од идејата да се нагласи носечката конструкција како доминанта во просторот. Како вистински квалитет на просторот го одбравме архитектурниот ритам. За таа цел на постоечките конструкциски столбови им додадовме нови, таканаречени „лажни“ столбови, кои ги следат постоечките низ целиот простор. Создадовме симетрична колонада како нов архитектурен елемент што го дели просторот на помали амбиенти коишто обезбедуваат еднакви услови за работа и престој. Ритамот беше препознаен како најголем адут на просторот и тоа сакавме да го искористиме. Одлуката, да додадеме „лажни“ елементи беше предизвик, посебно кога сите се залагаме, за т.н. искрена архитектура“. Со иста лудост (или храброст) пристапивме и кон материјалот „beton look“ којшто го употребивме како декоративна облога во ходникот.
Љубљанска берза
Во генеричниот канцелариски простор колонадата создадава апстрактно и монументално чувство. Стабилната просторска композиција ја сочинуваат симетричниот дизајн, изедначените материјали и ритмичното повторување на еден ист елемент. Со движење низ апстрактниот простор, перспективата на набљудувачот е консистентно променлива. Во просторот по ширина се отвораат различни секвенци во еднаков ритам. Ритамот го нагласува и осветлувањето создадено од природен и вештачки карактер. Строгата и праволиниска архитектура создадена од долгиот ходник и низот канцеларии и амбиенти е на уште еден начин поврзана и со дискретната употреба на бојата, и тоа онаа од банкнотата од 20 евра.
Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана
Во ниту еден момент ентериерот не е препуштен на неговата случајност
Друг проект, за којшто повторно ја добивме наградата Интериер на годината 2020 за проектот за просторот за конвенции Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана. Хотелот Лев е урбан хотел во центарот на Љубљана во кој претежно престојуваат бизнис-ориентирани гости на коишто им е потребна дополнителна содржина од типот на простории за работа и состаноци, предавања и формално/неформални дружења. Се работи за објект првенствено наменет за млади луѓе, милениумци, со посебно развиено чувство за функционална динамика и брзо размислување/делување, но и со истенчено чувство за естетика и дизајн.
Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана
Центарот за конвенции е атипично лоциран во поранешен автосалон. Предизвикот на просторот беше во негово осмислување – од простор целосно детерминиран од неговата масивна носива конструкција требаше да се добие флексибилен простор со повеќе сценарија на употреба – сценарио три помали предавални, сценарио голема предавална и сценарио отворен простор за поголеми случувања. На овие барања од страна на инвеститорот успеавме да одговориме со употребата на два архитектурни елементи: рефлективен технички демонтажен ѕид и испечатена набрана завеса. Различните комбинации од овие два елемента дозволуваат различни просторни амбиенти.
Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана
Се одлучивме просторот да биде сосема исчистен од сите непотребни елементи – сите инсталации се скриени или вградени. На демонтажниот ѕид (што и самиот по себе е high-tech продукт) му додадовме огледало на секој сегмент (нивната монтажа беше предизвик) коешто има функција да го дематеријализира целиот простор. Во ниту еден момент ентериерот не е препуштен на неговата случајност – се одлучивме и рефлексијата на огледалото да биде контролирана. Таа рефлексија сакавме да ја ограничиме само на долниот дел на ѕидот – само на подот, кој понатаму го третиравме како уметничко дело. Тоа го направивме со аплицирање на сито-тиск „fade effect“ или „магла“, добиена со мрежа на крукчиња којашто има различна густина.
Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана
Просторот е обликуван како галерија, во неутрална бела боја, во којашто е изложено делото на ликовниот уметник Јуре Маркота. Завесата и подот ги третиравме како бело платно – како подлога за уметничка графика. Главниот мотив на графичкиот дизајн беа секојдневни скици, да кажам чкртки, коишто сите ние ги правиме во моменти кога можеби за тоа не сме ни свесни – кога зборуваме по телефон, кога сме на досадно предавање, брзи и лесни цртежи кои се појавуваат на корици од тетратки, салфетки итн. Композицијата на графики е составена од вистински цртежи од случајни луѓе. Резултатот што го добивме е аплицирана графика што нуди интересен поглед на несвесните креации и којашто ги збогатува просторот и времето.
Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана
За развојот или подобро кажано во заклучокот на секој проект во нашето биро воведовме една нова креативна алатка која нема посебна конкретна употреба. Алатка која за нас е прилично забавна, а е поврзана со целиот процес на договарање, проектирање и изведба. Воведовме изработка на проектен колаж. Тој за нас претставува на некој начин симболична слика за еден дистопичен простор кој има повеќе од три димензии – во себе содржи и емоции. Во примерот на проектот на берзата тој го претставува светот на капиталот и градежништвото – инспиративниот класичен храм изграден врз калливиот рудник и врз грбот на копачите на скапоцените камења…
Огнен АРСОВ, дипл. инж. арх. – „Коси и партнери“, архитектурно проектирање, Љубљана
Технолоев во депандансот на хотелот Лев во Љубљана