Избрани се првите три наградени идејни решенија на конкурсот управна (општинска) зграда на Општина Аеродром.
Комисијата, составена од претседателот проф. д-р Страхиња Трпески, членовите Дејан Чадиќ и Зоран Пауноски, ги избраа првите три идејни решенија од вкупно 22, што пристигнаа на објавениот конкурс.
Првата награда е доделена на идејното решение под шифра НЗМОА на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Марта Илиевска, Марија Треневска и Марија Грчева. Второрангирано е решението под шифра ОТГ изработено од Друштвото за архитектонски дејности и услуги ОПШТО ТЕХНИЧКО ПРОЕКТИРАЊЕ ДОО ОХРИД, а третата награда ја освои конкурсното решение под шифра ДОПИР на проф. д-р Минас Бакалчев, проф. д-р Митко Хаџи – Пуља, проф. д-р Саша Тасиќ, проф. д-р Димитар Папастеревски, асс. м-р Александар Петановски, м-р Горан Петров и ст. арх. Сара Алаѓозовска.
Овие три наградени решенија ќе добијат парични награди во висина од 300 000 денари за прво место, 100 000 денари за второ место и 50 000 денари за трето место.
„Општина Аеродром по 16 години постоење, конечно ќе добие своја зграда. Тоа е од исклучително значење затоа што со нејзината изградба веќе нема да се плаќа висок месечен наем, а исто така и аеродромци ќе добијат пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите граѓански услуги. Зградата ќе биде нова препознатлива точка отворена за сите и ќе претставува нов дом на сите аеродромци“, порача градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Тој додаде дека новата зграда има цел да ги зближи аеродромци, преку отвореност, комуникација и динамична атмосфера со која се создава чувство на заедништво.
Зградата, покрај административниот дел, ќе содржи и мултифунционален центар за собири на граѓани каде што ќе можат да се организираат средби, венчавки и друг тип културни настани, интрегрирана подрачна единица и други простории што ќе бидат отворени за граѓаните.