На прв поглед, куќа со ширина од 1,6 метри може да изгледа неупотреблива, меѓутоа, таа не е само функционална, туку и многу луксузна, а за да ја поседувате, треба да издвоите дури 1,1 милиони евра!
Сместена во низа викторијански згради во живописното лондонско подрачје на Шепердс Буш, најтесната куќа во Англија се издвојува по својата впечатлива кралска сина фасада. Во зградата некогаш се наоѓала продавница за шешири, а денес е луксузен простор за живеење чија вредност е двојно поголема во текот на последната деценија.
Исклучително малата ширина и должина од само 7,3 метри, барала голема креативност и внимателен дизајн со цел куќата да биде совршено функционална. И според Винкворт, кој е надлежен за продажба на имотот, оваа куќа е како луксузна јахта во која максимално се користи и најмалиот простор.
Пет нивоа од куќата, со мал двор и тераса, нудат доволно простор за удобен живот. Иако не изгледа така, корисната површина на оваа куќа е дури 96 квадратни метри.
Во подрумот има кујна со трпезарија што се отвора кон градината. Оваа просторија, широка 2,7 метри, се наоѓа во најширокиот дел од куќата. За впечаток на поголем простор придонесуваат прозорците на покривот, кои носат многу светлина и белина на sидовите, што обезбедува дополнителна рефлексија.
Приземјето е наменето за модерна просторија за прием на гости, чија ширина е 2,1 метар. Од приземјето, скалило води до работната соба, мала спална соба и тераса.
На следното ниво има бања со гардеробер и посебен тоалет, додека на последниот кат има спална соба со вграден кревет, од каде може да се погледне на катот подолу.
Агентите веруваат дека уникатниот карактер, шарм и оригиналност на куќата ќе привлечат ексцентрични луѓе кои се стремат да живеат во еден простор, наместо во конвенционална куќа.