Еколошките проекти станаа почести во последно време бидејќи се подигнува свеста кај луѓето дека можеме да преживееме само ако се свртиме кон природата. Ситуацијата што го снајде светот во текот на минатата година, исто така, одигра улога во тоа се повеќе луѓе да бараат мир и да ги напуштат урбаните области. Следејќи ги овие трендови, две дизајнерски фирми од Лондон, Koto Design и Aylott + Van Tromp, дојдоа до идеја и дизајнираа единици за сместување во форма на монтажни кабини во природата.
Овој модуларен концепт наречен „Хајт“ содржи засебни објекти дизајнирани за туристичката понуда со еколошки аспект. Секоја кабина е по системот „клуч на рака“ и се одликува со сопствен дизајн на ентериер. Доаѓа комплетно наместен. Концептот се базира на модуларна единица на кабината што се протега на едно ниво со подигнат таван.
Основниот модел на кабината „Hytte“ зафаќа површина од 25 квадратни метри и се карактеризира со дрвена фасада со прави линии и агли. Во внатрешноста на објектот, во голема мера се обезбедува природно осветлување. Внатрешноста е луксузно опремена со неутрални тонови и дрвени делови, црпејќи инспирација од минималистичката скандинавска архитектура. Секоја кабина може да се прилагоди на индивидуалните барања и соодветно да се зголеми или намали.
Помалите кабини може да се постават со бетонска основа која се поставува во земјата. Идејата е да се вклопат во природната средина. Прифаќајќи ги одржливите методи на градба, овој монтажен објект е во комплет со вграден дел за главната спална соба, скриени простории за складирање и светларник. За греење се користи шпорет на дрво. Покрај спалната соба, има и кујна со индукциска плоча за готвење, бања и големи стаклени прозорци опремени со лизгачки панели за целосна приватност. Во прилог на оваа кабина има дрвена тераса што им овозможува на гостите да уживаат на отворено.
Акцентот не е ставен на естетиката, туку на различноста, за да им се понуди на клиентите чувство дека се во „пустина“ како на кампување и близу до природата, но со удобност. Целта беше да се искористи локацијата, односно пределот, со минимално „мешање“ и со целосна флексибилност.
Планот е минималната нарачка да биде три единици. За нивна изградба потребни се околу 12 недели за да се направат надвор од локацијата, по што ќе бидат донесени на местото каде што ќе стојат и ќе бидат подготвени за употреба во рок од 24 часа.