Насловна / Архитектура / Резиденција со поглед на езерото Остин

Резиденција со поглед на езерото Остин

Проектантското биро „A Parallel“, лоцирано во Остин, Тексас постои од 2008 г., и почнува како соработка на младите архитекти Ерик Барт и Рајан Бурк. Засилени со уште неколкумина млади архитекти, ова биро веќе се афирмираше на тамошната локална сцена како едно од оние бироа кои на фантастичен начин ги обединуваат архитектонското проектирање, пејзажното обликување и внатрешното уредување, нудејќи на тој начин комплетен дизајн во кој секој детал е „на место“, и во објектот ништо не е случајно направено туку однапред осмислено и аргументирано. Можеби и затоа најмногу се истакнуваат нивните резиденцијални проекти во приградски или рурални средини каде што до максимум доаѓа до израз хармонијата на објектот со природата.

1

Еден од таквите објекти е „Lakeview residence“, што во превод значи „Резиденција со поглед на езеро“. Името на објектот доаѓа токму оттаму: сместен е на езерото Остин, кое е формирано од реката Колорадо. Издолженото езеро всушност претставува проширување на овој дел од реката, подрачје кое е карактеристично по многуте меандри, свиоци и издигнати брегови, и е лоцирано на североистокот од Остин, недалеку од самиот град. Шумовитите брегови на езерото со текот на годините станале идеално место за формирање приградски населби со слободностоечки куќи, грото од нив луксузни вили и резиденции кои имаат привилегија да „тонат“ во зеленило, да поседуваат фантастични визури кон езерото, и да уживаат во станбена интима којашто во американското општество е на цена дури и во поурбаните градски јадра.

2

Една од таквите резиденции е и „Lakeview“. Изградена е во 2018 г., и е сместена на една од меандрите на езерото Остин, на нејзината конвексна страна во овој дел, која тука е ридесто издигната, нудејќи на тој начин можност за широкоаголна визура кон водената површина долу. Сепак, дабовата шума токму во овој дел е исклучително густа, па погледите кон езерото се испресечени од дрвјата, и практично се врамувани од нив: секоја една визура е уникатна, и веќе со наредниот чекор добивате нова, друга, различна од првата.

3

Ваквиот контекст во кој како затекнати локациски атрибути се теренот во пад, густата шума, острите ридови отспротива на езерото, и „борбата“ низ дрвјата да се дофати поглед кон водата, но и гребенот отспротива претставува маестрален предизвик за проектантите на овој објект. Одговорот на ваквиот предизвик е оваа вила за која веќе имаат добиено и една награда на локално ниво.

4

Како што и самите проектанти ќе запишат во описот на изведениот објект, оваа вила е „внимателно сместена на локацијата со цел да ги прифати постоечките заштитени визури; да ги истакне можностите кои ги нуди стрмниот терен; и да понуди неочекувани и драматични вертикални панорами кои почнуваат од работ на водата најдолу, па сè до високоиздигнатите карпести ’ртови најгоре во погледот“.

7

Формата на објектот наликува на блага, нецелосна потковица чии прекршувања се обидуваат да ја следат формата на брегот, овозможувајќи на тој начин повеќето од просториите да се ориентирани кон езерото, а влезот да биде „прегрнат“ во полуотворениот двор кој е суптилно формиран од габаритот. Објектот, освен што со формата во основа го следи брегот, го следи и теренот со формата во пресек. Влезот е од горната страна, на исто ниво со главните простории во куќата, а под него се гостинските простории. Воодушевува гестот со кој влезната партија е надополнета со влезно лоби налик на мини-дневна просторија кое има поголема висина од останатите простории, искористена за дополнителни прозорски стакла и продор на дневна светлина, со што се добива чувство на монументалност веднаш штом некој ќе влезе во куќата.

8

Скалишното јадро е сместено централно на основата, инкорпорирано со дневните простории и на тој начин осветлено од двете страни, со што се добива впечаток дека е дел од атриум. Кон овој впечаток придонесува и обликувањето на скалите: изведени се од челична минималистичка конструкција, бојадисани бело, со дрвени газишта и стаклени огради. Комбинацијата на бела боја со природната боја на дрвото фантастично го надополнува природниот амбиент кој се гледа низ стаклените отвори, било да е тоа кон дворот или кон езерото. Внимателно одбраните парчиња мебел сместени во скалишниот простор, како што е на пример клавирот, само укажува на тенденцијата на проектантите да се однесуваат кон секоја просторија во куќата со еднаква внимателност и посветеност, што само по себе гарантира целовитост во изразот, а со тоа и одличен проект.

11

Впечатлива е желбата по секоја цена да се предвидат неколку катчиња за дневен престој со цел максимум да се експлоатираат различните амбиенти кои ги нуди околината на објектот. Затоа и секое катче од нив има различна, уникатна визура, но проектантите им дале и различни програми: едно е за фамилијарни седенки и разговори, друго е за гледање телевизија и пречекување гости, трето за поинтимна релаксација итн., но сите се слични во изразот: употребата на природни и ненападни тонови и дрвото како материјал, дизајнерските столови и фотелји и отсуството на непотребни орнаменти и декорации се карактеристики кои ги поседуваат практично сите ќошиња од куќата. Во ентериерното уредување се забележуваат и уметничките слики, употребата на цвеќе, но и неколкуте „lounge“ фотелји наменети за удобно седење, кои претставуваат круна со која се заокружуваат и онака претходно добиените удобност, топлина и пријатен амбиент во куќата, стекнати преку покрупните обликовни постапки.

14

Една од таквите обликовни постапки кои го овозможуваат тоа, се секако огромните прозорци низ чии големи стакла „навлегува“ природниот амбиент однадвор, а низ чии дрвени рамки јасно се одразува волјата на проектантите да ги избегнат вештачките материјали таму каде што е можно. Освен тоа, видлива е и тенденцијата да се ускладат боите на дрвените површини во мебелот со боите на надворешните дрвја, како и да се ускладат боите на искористените детали од камен во внатрешноста со оние на каменестите гребени кои се гледаат од куќата. Такво ускладување со околината е направено и преку масивните бетонски плочи со кои се формира пристапната патека на влезот.

Вредни да се споменат се и отворениот базен до кој се пристапува од долното ниво, како и целосно одвоената бродска куќарка во рамките на парцелата, лоцирана долу, до самиот брег на езерото.

Lakeview-residence-in-Austin-Texas-by-A-Parallel-Architecture-3-1024x683

Како посебен проектантски гест за кој самите проектанти сметале дека е вреден да го споменат е тоа дека „неколкуте простори за дневен престој се внимателно дефинирани со масивни ѕидови кои за возврат држат тенки лебдечки кровни платформи и конзолни балкони кои стратешки ги врамуваат неверојатните погледи на гребенот кој се наоѓа стотина метри над самото место“. Сметам дека токму преку овој гест е најмногу видлива луцидноста на еден проектант, со која преку едноставно, но умешно компонирање на различни конструктивни материјали (челик и бетон) по вертикала и хоризонтала; и со која преку едноставно, но умешно компонирање на различни геометриски форми: и тоа масивен вертикален ѕид и тенка хоризонтална површина кои во оваа ситуација се однесуваат како египетски столб наспроти лист хартија, да го извади максимумот од понудената локација.

Со овој гест, проектантското биро „A Parallel“ го потврдуваат еден од нивните главни стремежи во проектирањето, кој стои на нивната веб-страница: „Сфаќаме дека објектите припаѓаат на нивната локација, било да е тоа физички, климатски или контекстуално. Секоја локација нуди единствени можности и ограничувања, а проектирањето во рамките на овие параметри поттикнува значајни иновации и ѝ всадува соодветност на секоја зграда.“

Резиденцијата „Lakeview“ е олицетворение на оваа заложба, и во целост го отсликува нивниот стремеж, исто како што отсликува и една друга нивна мисла „ние веруваме дека добар дизајн е зелен дизајн“. Нешто за коешто секако се залагаат многумина.

Lakeview-Residence-16

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top