Кипар, Грција и Израел потпишаа иницијална спогодба за изградба на најдолгиот и најдлабок подморски кабел во светот. Проектот ќе чини околу 900 милиони евра, а кабелот ќе минува по дното на Средоземното море и ќе ги поврзува електроенергетските мрежи на трите земји. Под името „Евроазиски интерконектор“, тој ќе овозможи резервно напојување со енергија во вонредни околности. За Кипар, овој проект ќе значи одлучувачки чекор кон завршување на енергетската изолација на островот, а со тоа и зависноста од фосилни горива. Кабелот ќе има капацитет помеѓу 1000 и 2000 MW, и се очекува да биде завршен до 2024 година. Со должина од 1500 километри и максимална длабочина од 2700 метри, тоа ќе биде најдолгиот и најдлабок кабел од овој вид во светски рамки. Ќе покрие три дела на Медитеранот, односно околу 310 километри помеѓу Изреал и Кипар, 900 километри помеѓу Кипар и Крит и 310 километри помеѓу Крит и копнениот дел на Грција. Европската унија делумно ќе го финансира овој проект, бидејќи истиот е препознаен како проект од заеднички интерес.