Реконструкцијата на паркиралиштата, сервисните улици и тротоари во Општина Аеродром трае веќе повеќе месеци. Исто така, во соработка со ЈП „Градски паркинг“ се поставува и вертикална и хоризонтална сигнализација.
Секако дека овие активности бараат разбирање и трпение од жителите, бидејќи ги намалуваат паркинг местата.
Овој проблем е особено изразен на потегот спроти Мајчин дом, особено по пуштањее на новоизградената десетокатница со 250 стана, што значи потреба од 300 дополнителни паркинг места.
Жителите на општината имаат голем проблем особено во вечерните часови да најдат слободно место за паркирање. Настаната ситуација е разбирлива во периодот на реконструкција, но она што претставува голем проблем за жителите е пајак службата која ги подига возилата на станарите кои се непрописно паркирани од едноставна причина – немаат каде да ги остават своите возила.
Очекувањата на жителите во околните згради се Општина Аеродром да инзајде начин и се договори со сообраќајната полиција и пајак службата да не ги подига возилата на станарите за времетраење на реконструкцијата на паркинзите, како што постапи Општина Центар кога ги реконструираше паркинзите.