Собранието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ), на електронската седница одржана на 27.03.2021 година, донесе одлука за времено намалување на висината на годишната членарина кон Комората за 50 отсто, за период од наредните 12 месеци (27.2.2021 до 28.2.2022), со цел ублажување на последиците од здравствената пандемија предизвикана од Ковид-19.
Одлуката донесена врз основа на член 12 од Статуот на КОАИ за намалување на годишната членарина за сите домашни членови значи дека наместо 3.075 денари, годишната членарина ќе изнесува 1.538 денари. Намалувањето на износот важи за една година и се однесува на сите домашни членови, вклучително и неактивни, кои од денот на донесување на оваа одлука би го активирале своето членство.
Собранието му наложи на Управниот одбор на КОАИ да ја спроведе оваа одлука која стапува на сила веднаш и одлуката да се достави до членовите на КОАИ.