Насловна / Вести / Планот за Езеро Треска го менува карактерот на просторот

Планот за Езеро Треска го менува карактерот на просторот

Презентацијата на Предлог-урбанистички план за вон населено место за Спортско- рекреативен центар Треска м.в. Ливада, КО Глумово и КО Шишево, Општина Сарај (2017 -2027) од страна на градоначалникот на Општината, а изработен од „Про – Инженеринг“од Тетово,планер Елена Зафировска,  ја вознемири пошироката јавност, а особено граѓаните на градот Скопје и околината.

Glumovo_skica_resize

Иницијативата за ревитализација и на ново урбанизирање на  овој простор кој не ја опфаќа само рекреативната зона на езерото Треска  од 54 ха туку и дел од неизграденото земјиште во негова близина со додатни 22 ха потекнува уште од 2016 година. Целокупниот опфат од  75,84 ха  е територија приближна на територијата на која се протега селото Глумово или пак  Шишево.

dup4_resize

Овој простор претставува контактна зона на територијата на град Скопје опфатена со Генералниот план на градот, односно не влегува во неговиот опсег и затоа планот се третира како план вон населено место.

Во Просторниот план на РМ и во некои парцијални плански документи просторот е дефиниран како погоден за развој на туризмот заради погодните природни ресурси, реката Треска, езерото Треска и близината на кањонот Матка, но се нагласува дека неговата употреба треба да се базира на законитостите на пазарната економија како би се обезбедила и негова економска  оправданост. Забележано е и дека активностите на нотираниот простор треба да бидат во рамките на регулативата за заштита на животната средина и да не се пренаменува прекумерно земјоделското во градежно земјиште. Земјиштето во голем дел ѝ припаѓа на Република Македонија.

Glumovo 201_1_resize

Врз основа на овие плански документи во 2016 година е изработена Програма од страна на Општина Сарај за изготвување Детален урбанистички план  за Спортско-рекреативен центар – Треска во м.б. Ливада во КО Глумово и КО Шишево. Истиот веќе беше на јавна расправа и е во фаза на донесување.

Очигледно е дека изготвениот Предлог-урбанистичкиот план е доставен до сите компетентни институции кои влегуваат во процедурите на донесување ваков вид планови, приближно повеќе од 15 на број, меѓу кои Министерството за заштита на човековата околина, Министерството за култура, Град Скопје, Министерство за транспорт и врски… и нивните мислења доколку се доставени навреме треба да бидат вградени во Предлог-планот. Не е познато дека некоја од надлежните институции реагирала на некои аспекти на планот, но реакцијата на јавноста не е занемарувачка.

Не е спорно дека постојната состојба на Рекреативниот центар Треска е руинирана, просторот е запуштен, не се одржува и само ја потхранува меморијата на жителите на градот Скопје и околината на неговите златни времиња. Секако дека беше неопходен плански  документ кој ќе овозможи ревитализација на просторот, ќе ја зголеми неговата употребна вредност како рекреативен простор и ќе  внесе  нови комерцијални содржини за да се создадат  услови за  одржување на сега напуштената водена површина на езерото кое претставува срце на просторот.

20210131_123506_resize

20210131_123644_resize

Овој магичен рамнински простор со прекрасни визури кон шилестите карпи на кањонот Матка и кон врвовите на Шара со звуците од жуборењето на реката Треска  беше препознат од тогашниот главен архитект на град Скопје, Тихомир Арсовски и предложен на Одборот  за реализација на Програмата за спортско-рекреативни објекти  од самопридонесот на граѓаните на Скопје во дамнешната 1977 –1980 година.

Image0004_resize

Понудената  локација за реализација на комплексот „Езеро Треска“ беше една од најголемите инвестиции во рамките на споменатата програма. Најнапред беше подготвен Урбанистички проект од Заводот за урбанизам на Град на  Скопје, а  потоа проектантски тим од „Пелагонијапроект“ со  голем ентузијазам  пријде кон уредување на просторот.

Мајчински е пријдено кон  дефинираниот  природен  облик на езерото во облик на матка, направен е мек контакт на водената површина со тлото, изградени се транспарентни и лесни објекти за угостителство, санитарии и гардероби за посетителите, натстрешници за заштита од сонце, дрвени платформи за сончање, детски мали базени  и  хортикултурното и партерно уредување за надополнување на  природниот  амбиент. Проектанскиот  тим на комплексот доби Борбина награда за архитектура на РМ 1978 година и во образложението на комисијата за доделување награда особено беше нагласена грижата на проектантите за максимално зачувување на апсолутната вредност на просторот, и на неговите пред сè природно зададени вредности.

Proektanski tim na ezero treska -Pelagonijaproekt_resize

проектантски тим од „Пелагонијапроект“ (1977-78)

Image0005_resize

Image0007_resize

Низ годините потоа езерото Треска стана култно место за рекреација во градот, а апсолутната природна вредност на просторот се надополни со мемориска вредност од живеењето на градот.

За жал големиот проект за изградба на нови објекти за спорт и рекреација кој се реализираше со пари од самопридонес на граѓаните не ги исполни своите очекувања. Покрај езерото Треска како најсложена и најголема инвестиција изградена во 1978 година во рекордно време од  шест месеци, сукцесивно беа  изградени и  четири повеќенаменски мали спортски сали како и  четири покриени мали базени за секоја од тогашните  општини на град Скопје. Беше изграден покриениот базен во Општина Карпош,сега кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и големиот пливачки Олимписки базен со гледалиште во Општина Центар. Повеќето од овие објекти не се користат повеќе за својата намена, покриените мали базени се претворени во магацински простори, некои од малите спортски сали се користат како ресторани за свадби. За среќа, и покрај  големи тешкотии при одржувањето, останаа активни покриените базени во Карпош и Олимпискиот базен во Центар. Езерото Треска веќе подолго време боледува.

dup3_resize

Б1

Презентираниот Предлог-план е поделен на 4 урбани блока, Б1 во кој е вклучено  езерото со површина од  31 ха  и основна намена Д3 спорт и рекреација, Б2  со површина 9,6 ха со основна намена времено домување, Б3 со површина 7,9 ха, основна намена Б5  хотелски комплекси и Б4 со површина 11,25 ха и основна намена Б2 големи трговски единици.

gp2_1_resize

Б2

Урбаниот блок Б1 во кој е вклучена водената површина на езерото од 13 ха покрај основната намена спорт и рекреација, согласно Правилникот за урбанистичко планирање се предвидени 40 % компатибилни намени, како што е времено домување – викенд-куќи и други комерцијални и деловни намени. Предвидената вкупно изградена  површина изнесува 248.000 м2, односно 50 % изграденост на локацијата. Притоа се дозволени висини за објектите од времено домување со висина од П + 2 + поткровје, а за комерцијалните објекти до 15 метри височина.

Ваквата густа изграденост веднаш после заштитниот појас на езерото  сосема го изменува карактерот на просторот, ги попречува прекрасните визури кон Матка и ја менува микроклимата, а со тоа се губат природните вредности кои го прават просторот погоден за спорт, рекреација и развој на туризмот. Забележително е дека 20 %  од овој простор ќе премине во рацете на сопствениците на објектите за времено домување и комерцијални објекти со што значително  ќе се изгуби јавниот карактер на локацијата во овој урбан блок и ќе се наруши досегашниот јавен карактер на просторот.

Сличен урбан пристап има при конципирањето на вториот урбан блок Б2 од 9,67 ха кој се наоѓа непосредно на брегот на реката Треска оддалечен со заштитен појас од само седум метри од водената површина. Основната намена на овој блок е времено домување  – викенд- куќи со можност за имплементација на комерцијални намени  со вкупна дозволена  површина за градба од  66.000 м2. И овде има опасност од  приватизација на крајбрежјето на реката.

gp3_1_resize

Б3- градежна парцела 3.1

Последните два урбани блока имаат значително помала површина на територија Б3 -9,53 ха и Б4 -2,41 ха, но затоа имаат уште поголем процент на изграденост. Овде се предвидуваат комерцијални содржини, па дури и групно домување во станбени згради. И на овој простор се овозможува изградба на нови 65.000 м2.

Вкупните предвидени градби на урбанизираниот простор достигнуваат површина од 379.938 м2 со разнородни намени, станбени површини во мали станбени единици, колективно домување во згради, хотелско сместување во големи габарити, мали и големи комерцијални единици, деловни објекти и објекти од инфаструктура. Ако сметаме дека согласно усвоените стандарди 25 м2 површина му припаѓа на секој корисник, не е чудо да се појави концентрација од 15.000 корисници на изградената површина.

dup6_resize

Затоа е неопходно како  основни  документи  за уредување на овој простор одреден во планот како Спортско-рекреативен центар Треска и посочен во пошироките плански документи како туристичка зона, изработка на Студија за влијание на предвидените градби врз животната средина и заштита на водите и подземниот слив на бунарите Нерези – Лепенец, хидролошки испитувања на сливот на реката Треска и одредување на заштитната зона на нејзиниот брег.

Студијата за ревитализација на езерото Треска и одржлив начин на неговото снабдување со вода, одржување на водата во рамките на дозволен бактериолошки и хемиски состав за употреба на корисниците е нужен дел од планот, но не би сакале да видиме еден ден да биде натрупан со нови градежни површини.

Прашањето на сопственоста на просторот и инвестициското учество на граѓаните е правничко прашање кое исто така  не треба да се занемари. Рекреативниот центар на езерото Треска е несомнено простор од јавен интерес и тој треба да им служи на сите жители на градот и околината. Планот се надевам преку јавни дискусии и укажувања ќе успее да ги избалансира потребите за рекреација на граѓаните особено во летниот период и потребите  за развој на туризмот во овој регион за да може економскиот развој да го направи одржлив просторот. Воведување локации за викенд-куќи во урбаниот блок Б1 во кој спаѓа езерото и просторот непосредно околу него наменет за спорт и рекреација е грубо приватизирање  на  простор од јавен интерес.

numer_sekoja_parcela_resize

Со  новиот Предлог-план на просторот му е пријдено со  ентузијазам, но планот предвидува максимално да се изгради и комерцијализира просторот, не водејќи сметка за девалвацијата на природните  вредности и потребата на сочувување на просторот како рекреативна зона на градот.

Овој простор е во сопственост на Република Македонија, досега бил простор од јавен карактер. Неизбежно е  при планирањето на вакви простори кој ги има сè помалку во градот Скопје и неговата околина да се вклучат што повеќе фактори во процесот на планирање: урбанисти, архитекти ,екологисти, локална власт, инвеститори и граѓански здруженија и со така формираната мрежа на соработка да се реобмисли планирањето на овој извонредно значаен природен ресурс, кој претставува  дел од оската Рекреативен центар Сарај, Рекреативното езеро, езерото Матка.

20210131_125000_resize

20210131_123235_resize

Треба да се прашаме има ли градот доволно рекреативни и зелени зони? Имаат ли жителите на Скопје и околните општини потреба од дружење, спортување и рекрација? Одговорите на овие прашања треба да бидат основни водилки при планирањето на овој простор и при предвидувањата на неговиот иден развој.

Автор: Билјана ФИЛИПОВСКА, дипл. инж. арх.

(член на проектантскиот тим на „Пелагонијапроект“ – 1977 г., кој го изработил проектот „Езеро Треска“)

Испрати коментар

Scroll To Top