Каков град сакаме, што му се случи на мојот град, кому му треба ваков град – се прашања кои во последно време провејуваат меѓу граѓаните и меѓу оние кои се најповикани за обликување на градот. Почетокот на годината го дочекавме со позитивни мисли и желби за подобар живот, но и со сите отворени проблеми кои подолго време чекаат решение. Денес кога сме свесни дека речиси секое значајно парче од градот е девастирано и проголтано од повеќедецениската профитерска машинерија, исправени сме пред прашањето како може да ѝ се спротивставиме на неквалитетната урбана експанзија и да си го вратиме градот на правиот пат. Затоа најнапред ќе се осврнам на она што мислам дека води кон светлината во тунелот.
НОВИТЕ ЧЕКОРИ ТРЕБА ДА ГО СЛЕДАТ ПАТОТ НА ПРЕTХОДНИЦИТЕ
Градот Скопје ја започна процедурата за изработка на нов генерален урбанистички план за периодот 2022—2032 година. Овој план ќе има огромна улога во тоа како подоцна ќе се дизајнираат деталните урбанистички планови, ќе ја одреди стратегијата и визијата за развојот на градот. Тоа ќе овозможи да се поправат многу грешки од минатото. Ја поздравувам и поддржувам иницијативата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, поткрепена со листа на објекти и места погодни за интервенции и ревитализација со пренамена. Актуaлизирана е интервенцијата за валоризација и обнова на шалтер-салата на Централната пошта – Скопје, објект прогласен за загрозен пример на бруталистичката архитектура, каде во пожар изгореа и муралите на академскиот сликар Борко Лазески. Покрената е иницијатива за обнова и пренамена на напуштената фабрика „Купрум“ во Студентски културен центар за што е изготвен и идеен проект. Ова го сметам за особено позитивен потег. Се надевам дека ова ќе прерасне во поширок системски зафат за ревитализација и пренамена на напуштените јавни објекти. Време е да почнеме да градиме цивилизациски однос кон урбаното културно наследство кое е преостанато, напуштено и руинирано. Во урбанистичката наука секогаш се следи правилото дека новите чекори треба да го следат патот на кој претходниците оставиле траги. Секоја поинаква постапка води во беспаќе. Ме радува активноста на градот за реконструкција и обнова на патната мрежа во Скопје. Новиот мост преку Вардар кој ќе ги поврзе Аеродром и Керамидница ќе го олесни и сообраќајот и во центарот на градот. Иницијативата на граѓанското движење „Здравје пред профит“ за вело-град дава видливи резултати. Ако е ова само почеток на позитивни активности, неопходно е да се позанимаваме и да ја согледаме состојбата на јавниот простор во градот.
ЈАВНИОТ ПРОСТОР Е НА СИТЕ
Јавен простор е животен простор кој им припаѓа на сите граѓани. Под јавен простор спаѓаат: паркови, мали парковски и зелени површини, слободни површини, меѓублоковски слободни површини и зеленило, детски игралишта, места на отворено за средби и дружења, улици, паркинзи, тротоари, пешачки патеки. Највисоко право на секој граѓанин е да го користи јавниот простор за здраво живеење и да живее во град со хумана и здрава животна средина. Последните дваесетина години, со жива градежна активност што се одвива во сите делови на градот изградени се пет целосно нови плоштади, дваесетина јавни и уште стотици станбени објекти, мостови, фонтани, споменици, катни гаражи. Моделите за градба се ориентирани исклучиво кон профит на мали групи и поединци, а на сметка на јавниот простор и хуманото живеење.
ПЛОШТАДИ, ПЛАТОА, СКВЕРОВИ
Плоштадот „Македонија“, плоштадот од левата страна на Вардар и плоштадот „Скендер бег“ се нови плоштади и се дел од проектот „Скопје 2014“. За нив е пишувано доста и познати се ставовите и на стручната фела и на поголемиот дел од граѓаните. Плоштадот наречен „Пела“ и платото кај Арапска куќа се мали отворени платоа кои и не може да се наречат плоштади. Во населбата Аеродром во која се одвиваше и сѐ уште се одвива жива градежна активност има доста отворени платоа и јавни простори, главно кај трговските средишта и јавните објекти. Има новоизградени платоа и скверови обременети со кич декорации. Во еден дел од населбата каде се сочувани структурите од модерниот урбанизам од 70-тите години сѐ уште извонредно функционираат детски игралишта, градинки, пешачки патеки и безбедни места за игри и средби. Во делот каде е изграден нов блоковски дистрикт недостасува сѐ што се вика јавен простор. Скопје не може да се пофали со мали плоштади и места кои раскажуваат интересни приказни, интересни места за дружење и активности на отворено со соодветен градски мебел и визуелен квалитет. Платото на Македонска опера и балет е еден од ретките простори кој во даден момент се претвора во отворена сцена. Имаше шанса да се спушти и отвори спрема реката и зелените простори, но тоа е веќе оневозможено бидејќи е затворен со објектите од „Скопје 2014“.
Кога зборуваме за зеленилото во градот свесни сме дека Скопје не е веќе град што има 20 м2 по жител зеленило како во 1970 – 1980 година. Сега едвај да има 6 – 7 м2 зеленило по жител. Затоа имаме загадување, бучава и лош квалитет на живот. Во изминатите децении изгубени се зелените коридори и воздушните струења од Водно кон Камениот мост и Старата чаршија. Покрај речниот брег беа предвидени зелени појаси со рекреативни содржини што веќе ги нема.
ПАРКОВИ, ФОНТАНИ, ЗЕЛЕНИЛО
Градскиот парк е еден од најголемите паркови во државата и е единствен од ваков вид, а уште една вредна зелена површина во градот е парк-шумата Гази-баба. Тие се можеби највредното нешто што овој град го има во моментов. Градскиот парк зафаќа површина од 486 000 м2 и се простира меѓу улиците „Ленинова“, булевар „Октомвриска револуција“, булевар „Илинден“ и реката Вардар. Има своја историска компонента, има приказна и убавина. Датира од 19-тиот век, во периодот пред Првата светска војна е проширен и уреден, а на начин каков што го знаеме денес е направен во 1970 година кога е завршен насипот на Вардар. Најголем проектантски придонес имаат вложено арх. Лудек Кубеш и пејзажниот архитект Драган Шојлевски. Паркот е убав, одржуван и облагороден со содржини. Нешто најубаво што му се случи последните години е уредувањето на десниот брег на реката со пешачка и велосипедска патека. Се надевам дека на истиот начин ќе се доуреди и левиот брег на реката.
Паркот изобилува со убави растенија и ретки дрвја и можеби со мала организација може да се дополни тоа што недостасува: сигнализација и обележување на патеките, натписи за видовите на дрвјата итн. Во паркот не би требало да се дозволат градежни активности од поголем размер. Култниот објект „Кермес“, за кој се навестува повторна изградба, не би требало да го надмине поранешниот габарит, а и содржински треба да прилега на јавниот интерес на граѓаните. На влезот во паркот од булевар „Илинден“ поставена е фонтаната „Лотос“ на плато-композиција со клупи за седење, дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец. Вешто проектирана, како современ елемент го надополнува и нагласува влезот и ве повикува да влезете.Таа е дел од урбанистички ансамбл, партерно уреден со клупи за седење каде секогаш има групи од млади и стари. Денес оваа фонтана со целиот урбан ансамбл е препуштена на забот на времето, руинирана и исчкртана со непримерни графити кои праќаат порака за вандализам и недостаток на воспитание. Ова е срам за Општина Центар и за Градот Скопје и се надевам дека тие ќе најдат сили што поскоро да направат проект за реновирање и ќе ја вратат фонтаната во првобитна состојба.
Празниот простор на локалитетот „Расадник“, кој ја бранува јавноста подолго време, нуди извонредни можности за уште една уредена парковска површина во градот. Тоа треба да е предизвик и за Општината и за Градот да се создаде нешто препознатливо и оригинално (јавен простор, тематски парк, собиралиште на граѓани). Ако сега ја пропуштат шансата граѓаните на оваа општина може да се простат од услови за хумано живеење. Ако се направи парк во Гази баба и парк во Расадник, заедно со Градскиот парк би се опфатиле сите делови на градот. Тоа се трите најповолни зелени точки на градската матрица. Важно е да се спомне и паркот „Жена борец“ во срцето на градот и уште неколку помали парковски површини во населбите кои треба да се чуваат и негуваат. Значењето на овие уредени парковски површини најдобро го почувствувавме во овие пандемиски времиња. Градскиот парк е секогаш полн со луѓе бидејќи граѓаните чувствуваат потреба да излезат на отворено, почитувајќи ги протоколите за заштита.
ДА ГИ САНИРАМЕ КАТАСТРОФАЛНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ
Зголемената потребата од употреба на јавниот простор во некои од западните градови резултираше со бројни интересни решенија и проекти за подобрување на квалитетот на парковите, плоштадите и улиците кои се приспособуваат за користење и во време на пандемија и во постпандемискиот период. Затоа и ние треба да се бориме да се сочуваат сите зелени површини, отворени јавни простори и да се создадат нови таму каде што е можно. Низ градот има доста запуштени и безлични простори на кои може да се интервенира без да влијаат на развојната стратегија на градот. Тие треба да им се вратат на граѓаните како места кои ќе го унапредат животот на хуман и одржлив начин.
Како архитекти и како општество исправени сме пред задачата заеднички со граѓаните, избраните претставници и бизнис-заедницата да трагаме по решенија и да почнеме да ги санираме катастрофалните последици од досегашните активности. Можеби ние постарите генерации жалејќи по исчезнатите историски артефакти и препознатливи топоними на градот, заборавивме дека за овие 20 години израснаа нови генерации во ова опкружување. Тие имаат свои препознатливи места, катчиња за дружба за кои се емотивно врзани, но ние не смееме да дозволиме да живеат во хаотичен и несреден град.
Автор: дипл. инж. арх. Душанка ШУЛОВИЌ