Термоелектраната РЕК Осломеј има доставено барање за добивање А интегрирана еколошка дозвола, но од Државениот инспекторат за животна средина при редовниот надзор на работењето на рудникот утврдиле низа недоследности.
РЕК Осломеј е голем загадувач што мора да се услогласи со законски утврдените стандарди за заштита на животната средина, а државата мора да вложува средства за намалување на загадувањето, се наведува во соопштението од ДИЖС.
Инсталацијата има доставено Барање за добивање А интегрирана еколошка дозвола во 2007 година, но истата се уште не е издадена. Затоа надзорот се изврши согласно Законот за животна средина, Законот за управување со отпадот и Законот за квалитет на амбиентниот воздух, нагласуваат инспекторите.
“При надзорот, по увид во извештај за мерења од страна на акредитирана лабораторија, беа утврдени надминувања на граничните вредности за емисија на прашина, иако отпрашувањето се врши преку електростатски филтер. Од старата депонија, отстранетата сува пепел која се складирала од електростатскиот филтер, се разнесува во услови на ветер. Согласно Оперативниот план од Барањето за добивање А интегрирана еколошка дозвола, инсталирано е водено отстранување на пепелта од електростатскиот филтер, па смесата на мокра пепел и шљака од котелот на јаглен се отстранува на депонија/лагуна формирана во јама од рудникот. Преливните води од лагуната се испуштаат во реката Темница и притоа не се врши мерење на нивниот квалитет. На рудникот се отстранува и комунален отпад и отпадни гумени ленти од транспортерите за јаглен. Санитарните и технолошките отпадни води се пречистуваат, но капацитетот на пречистителната станица не задоволува. Од 2016 година не се обновени договорите со лиценцирани компании за постапување со посебни текови на отпад, а постапувањето со отпадни масла не е сооодветно. Исто така, хемикалиите за припрема на вода не се чуваат безбедно“, се вели во соопштението од ДИЖС.
Поради утврдените недоследности од Инспекторатот велат дека РЕК Осломеј ќе се задолжи емисиите на прашина да ги доведе во рамките на граничните вредности, да изврши мерења на преливните води од депонијата за пепел и шљака и да склучи договори со лиценцирани компании за постапување со отпад. Потоа, мора да ги подобри условите за складирање на отпадни масла и хемикалии и да се отстрани комуналниот отпад и отпадот од бескрајните гумени ленти за транспорт на јагленот. Санацијата на старата депонија за пепел и проширувањето, односно реконструкцијата на пречистителната станица, бараат поголеми финансиски средства и за спроведување на овие мерки ќе биде неопходно да се утврдат реалистични рокови.