Архитектонското биро „Проект V Архитектура“ добило задача да го осмисли доградување на „гарсоњера“ на босанка куќа во Сараево стара 40 години. Сопствениците на куќата, корисник на инвалидска количка и неговата сопруга, сакале да имаат простран и осветлен простор практичен за живеење. Постојната семејна куќа е изградена во осумдесеттите години на минатиот век и за време на својот живот била реконструирана преку спонтани интервенции и проширувања. Последиците од ваквите непланирани реновирања биле ограничен простор за живеење, т.е. оневозможено движење во инвалидска количка и собирање на големото семејство. Доградбата која архитектите ја нарекле „Half House” има за цел да одговори на спонтаниот пејзаж, преку едноставна минималистичка архитектура, која воведува правилност во својата околина. „Гарсоњерата“ може да функционира независно од телото на главната куќа. Содржи голема трпезарија, дневна соба со отворен план, покриена тераса со скара, бања и галерија за одмор и читање со одличен поглед. Во функционална смисла, проширувањето е помеѓу самостална единица, простор за собирање на семејството и селска викендица, што ги збогатува можностите за користење на домашните. Новата доградба добила облик на покрив со еден наклон и два бочни sида, создавајќи долг простор со отворен план кој дава чувство на прегледност и пространост. Поврзувањето на внатрешниот простор со дворот постигнато е со стаклена лизгачка врата која се отвора по целата ширина на просторијата. На овој начин се продолжува дневната соба на терасата и во текот на летото се создава чувство на голем покриен простор на отворено. Клучна карактеристика на проектот се долгите бочни sидови обложени со панели од природен дабов фурнир. Ѕдовите се протегаат низ целата висина и должина на трпезаријата и дневната соба. Замислени се како внатрешни трансформобилни фасади, со внимателно дизајнирани отвори за прозорци, седење, полици, ормани, осветлување и простор за идниот лифт до галеријата. Исто така, просторот го менува амбиентот во зависност од секојдневните активности на станарите и динамиката на ѕидовите. Внатрешните дабови sидови ја воведуваат природата во просторот, осврнувајќи се на драматичните и густи шуми. Ѕидовите исто така асоцираат на дрвените елементи на традиционалната босанска куќа. Вградените плакари се инспирирани од мусандра, а галеријата со дрвена ограда потсетува на дрвените чардаци. Галеријата, со вградени полици за книги, е тивок простор одделен од остатокот од куќата кој овозможува размислување, читање, јога и игра. Овој простор може да се користи и за спиење, со соседни вградени плакари за складирање.