Откога постојат градовите, следното прашање е постојано присутно: „Што е тоа што ги прави одредени урбани области попосакувани за живеење од други?“ Една половина од светското население живее во градовите, а се очекува во наредната деценија тој удел значително да се зголеми. Со цел да се подготват за овие проекции, градовите ширум светот наоѓаат начини за да станат попосакувани места за живот, за мали бизниси, и генерално за обезбедување подобри услови за сите. Ковид кризата донесе и еден нов вид на мобилност на населението – од градовите кон периферијата, со оглед дека заштитните мерки овозможуваат работа од дома, односно од било кое место. Неодамна, големите компании од IT индустријата објавија дека ќе повлечат некои од своите операции лоцирани во САД, од преценетата Силиконска долина во Остин, Тексас. Финансискиот сектор исто така најавува релокација на некои активности од Њујорк во Мајами, Флорида. Заедничко за Остин и за Мајами е тоа што имаат пониски даноци. Ова сознание уште повеќе го продлабочува прашањето за тоа кои квалитети треба да ги поседува еден урбан центар, имајќи ги во предвид истовремено и јавните политики и архитектурата и одржливоста. Јасно е дека живеењето во градовите носи со себе и бројни недостатоци, па за да се направи еден град атрактивен и привлечен, потребна е заедничка рамка поставена од урбанистите и донесувачите на одлуки. За да се разбере што еден град го прави успешен, неговите перформанси треба да бидат измерени на начин кој ќе ги рефлектира неговите културни и архитектонски аспекти, социјални услови и економски можности.
Ако се земе Остин во Тексас за пример, мора да се забележи дека градот станува исклучително популарен и доживува експоненцијален раст на популацијата во перид од неколку години. Во 2019 година, Forbes ги анализира аспектите на различни градови во САД, прашувајќи се кое е најдоброто место за живеење. Магазинот откри дека има неколку нешта кои Остин ги прави на вистинскиот начин. Прво, ги охрабрува бизнисите, особено стартап компаниите и инкубаторите. Но, и многу големи компании како Apple, Google, Facebook и Oracle, токму овде отвориле свои канцеларии.
Во однос на архитектурата, градот го чува својот локален карактер, а создаден е врз основите на некогашна заедница на музичари и уметници кои развиле уникатна и препознатлива култура. Пазарот со недвижности е исто така во пораст. Со градбата на облакодери се зголемува густината на населението, но цените на станбениот простор остануваат ниски. Градот успешно ја ползува и реката Колорадо која тече низ него и претставува извор на забава, и нуди прекрасно уредени паркови на крајбрежјето. Креаторите на политики во овој град создале и т.н urban guidelines за Остин, каде се истакнува визијата за иднината и целите во областа ан здравиот живот, благосостојбата, безбедноста, економските можности и вклученоста на граѓаните. Сите овие фактори прават Остин да биде посакувано место за живот, и затоа се очекува да достигне бројка од 4 милиони жители до 2040 година.
Овој пример покажува дека атрактивноста на одреден град како посакувано место за живот не е субјективна карактеристика ниту спонтана одлука. Всушност, станува збор за добро испланиран сет од активности и политики. Многу други градови, исто како Остин, ја следат оваа стратегија.