Некогаш го нарекувале „мајка на сите аеродроми“, а бил симбол на третиот Рајх. Имал бурна историја, a на крајот и самиот заминал во историја во 2008 година, кога и покрај противењето на жителите на Берлин, аеродромот е затворен.
Нацистите го изградиле овој аеродром на местото на постоечки помал аеродом, со намера да го импресионираат светот со монументалноста на аеродромската зграда. Жителите на Берлин своевремено доаѓале да ги гледаат првите летови. Самата аеродромска зграда не претрпела сериозни оштетувања ниту во текот на Втората светска војна, бидејќи нацистите вложувале огромни напори во нејзината заштита. Во план било да се уреди целиот комплекс, да се додадат содржини за сместување, фонтани и сл… Но, тој проект останал засекогаш недовршен. По падот на Берлинскиот ѕид, служи како кулиса за снимање филмови, но и како „клуб“ за техно и рејв забави.Конечното збогување со славниот аеродром е направено и официјално на 30-ти октомври 2008 со прослава и со песната Time to say goodbye. Последните два авиона полетале пред присутната публика, а потоа светлата на пистата биле засекогаш згаснати. Веќе наредната година, „Темпелхоф“ е отворен како јавен парк, најголем во Берлин. Прогласен е и за заштитен споменик на културата.
Но, кога во 2015 година избива мигрантската криза, бројни бегалци биле сместени на подрачјето на овој некогашен аеродром. Некои организации и политичари се спротивставуваа на оваа идеја, нагласувајќи дека е невкусно да се користат некогашни нацистички објекти како бегалски кампови. Без оглед на тоа, овој простор останал отворен како парк за посетители. Кризата со корона вирусот му зададе нов удар на паркот, особено во периодите на целосно „заклучување“. Во меѓувреме, Берлин доби нов аеродром, а „Темпелхоф“ и натаму ќе чека подобри времиња…