Насловна / Архитектура / Интервју: Никола Ѓорѓиевски – Награда за архитектура ПОРТА 3 2020

Интервју: Никола Ѓорѓиевски – Награда за архитектура ПОРТА 3 2020

Сè повеќе ни требаат архитекти кои сонуваат отколку архитекти кои репродуцираат

1_resize

Редакцијата на Порта 3 со задоволство ја додели наградата на млад архитект кој неуморно се залага за вистински вредности во архитектурата и урбанизмот и за професионализам. Дипломиравте архитектура во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а потоа се дошколувавте на повеќе архитектонски школи во Европа. Воочувате ли разлика во образованието на архитектите кај нас и во странство?

Благодарам што ги препознавте моите заложби. Главната разлика во образованието не е толку во наставниот модел, туку во односот помеѓу факултетот како институција и студентот како единка. На овој начин во западните школи интегритетот на професијата е подобро зачуван, особено кај скандинавските школи, а архитектот, но и архитектонската школа, сè уште имаат значајна влијателна позиција во општеството, за разлика од кај нас. Секако постојат и разлики во наставниот модел, и тука клучно е да се каже дека студентите во Скопје се преоптоварени со многубројни предмети и школувањето се сведува на собирање поени, наместо фокусирање на креативниот истражувачки процес, како единствен и специфичен за архитектонската дисциплина. Би сакал да видам програма без оценки, со главен и интензивен фокус на предметот Студио, надополнет со повеќе архитектонска теорија, историја и конструкции, но и изучувања на пејзажот и природниот предел уште на самиот почеток. Од моето искуство, и како студент, и како наставник, секогаш гледам подобри проекти кога факултетот има хоризонтална хиерархија и програма која ја акцентира слободната, креативна истражувачка мисла, бидејќи сè повеќе ни требаат архитекти кои сонуваат отколку архитекти кои репродуцираат.

2_resize

Учесник сте, добитник и победник на меѓународни конкурси во регионот како дел од меѓународен тим. Дали сте учествувале на архитектонски конкурс кај нас? Колку се разликуваат регионалните конкурси од оние кај нас? Кој е тимот со кој ги работите и како дојде до оваа регионална соработка?

Сум учествувал на неколку домашни конкурси и мора да признаам дека нивото на коешто се распишани конкурсите тука е навистина ниско. Ќе споредам со конкурс распишан во Србија. Во конкурсната документација имате професионално напишан текст, од историјат на локацијата до многубројни детали во проектантската програма, дрон фотографии, дигитални технички цртежи од повеќе фази и слично. Истото не можам да го кажам за документите што ги добиваме од порталот „Јавни набавки“. Дополнително, во жири-комисиите секогаш имало некој значаен домашен архитект за кој моите колеги имале навистина високо мислење. Жири-комисиите кај нас се честопати сомнителни и општински ориентирани, и знаат да го стават интегритетот на конкурсот под знак прашалник.

Тимот со кој работам е со белградски состав, колеги кои сум ги запознал на архитектонски работилници низ Европа. После повеќе години дружење и разговарање за учество на некој конкурс, конечно се склопивме како тим, и досега сме освоиле награди на сите конкурси на коишто сме учествувале, како конкурсот за нов народен театар во Белград, и мултифункционалната сала во Бања Лука.

Sa neba_resize

Во голема конкуренција, добитник сте на првата награда на Меѓународниот конкурс за мултифункционална сала во Бања Лука, каде меѓу другите членови на жирито беше и професорот Борис Подрека. Што значи оваа награда за вас? Што ќе се случува понатаму со проектот?

Оваа награда ни е исклучително значајна бидејќи во конкуренција од над 100 труда, каде учествуваа и сериозни интернационални бироа, успеавме да испловиме на врвот, како нова група од четворица млади архитекти. Ние без никакви ресурси, сред пандемија, без физичко присуство успеавме да склопиме едно мошне храбро решение со исклучителна посветеност кон архитектонското проектирање, и навистина ни е особена чест што овој наш труд беше препознаен од целото жири, доделувајќи ни ја престижната прва награда.

Всушност, најголемата победа е фактот дека една млада екипа на архитекти беше поддржана од цела регионална сцена, и искрено ме радува овој момент бидејќи сигурно ќе мотивира голем број наши врсници активно да учествуваат на конкурси, имајќи предвид дека не е потребно ништо повеќе од добра дисциплина, знаење и желба за квалитетна архитектура.

Зградата во Бања Лука моментално е во подготвителен процес за изработка на основен проект, а според конкурсниот протокол тоа треба да го изработи локално проектантско/градежно биро.

suton_6k_resize

Во моментов работите како истражувач на Архитектонската школа во Орхус, Данска на Катедрата за територии, архитектура и трансформации, како и на Катедрата за одржлива архитектура. Што истражувате конкретно? Колку е важна одржливата архитектура?

Во моментот го предавам предметот Студио, при Катедрата за одржлива архитектура, каде главниот фокус е истражување на пејзажот како неисцрплив извор кој ги крие одговорите на прашањето за одржливата архитектура. Исклучително ни е битно студентите да ги воочат процесите кои се случуваат надвор од градот за потребите на градот. Пример, колкава територија природен предел треба да биде уништена секојпат кога сакаме да градиме зграда од бетон или челик, сè со цел студентите да створат една системска поврзаност помеѓу природните ресурси, проектантската методологија и последиците врз околината. Веруваме дека ако студентите по архитектура се „освестат“ уште во фазата на нивното школување, тогаш вистински може да збориме за проактивен одржлив развој, отколку постфестум поправање на сторените штети.

На Катедрата за архитектура и трансформации работам како пејзажен архитект-истражувач на проекти поврзани со интегрирање на биодиверзитетот како клучна компонента во процесот на архитектонското и урбанистичкото проектирање. Дел од ангажманот вклучува и теренска работа во директна соработка со биолози и ботаничари, каде активно спасуваме ендемски видови на растенија, трансплантирајќи ги во пејзажната лабораторија на факултетот.

IMG_2371_resize

Кај нас сте активен во борбата Скопје да стане подобар град за живеење. Поставувате многу прашања, на кои, како што велите, никој не сака (можеби и не знае) да одговори. Кои се тие прашања? Дали колегите се професионални во создавањето архитектура и во планирањето на градовите?

Ќе се вратам на одговорот на првото прашање бидејќи зачувувањето на интегритетот на професијата мора да доаѓа од дома, а таа куќа е нашата архитектонска школа. Можеби треба да се запрашаме дали вистински го оформуваме идентитетот на архитектот ако неговиот „опус магнум“ е Скопје какво што го гледаме денес. Скопје радикално треба да се трансформира, треба да се одзатне од градежниот катаклизам кој му се случува. Треба да се запрашаме која е улогата на архитектот во една ваква состојба на градски немир? Затоа тој креативен, истражувачки процес треба да биде толку многу истакнат и драгоцен, бидејќи еден архитект кој е научен да размислува (критикува), процесира, нема да биде соучесник во градската неправда. Не се воодушевувам на некој што знае да нацрта станбена зграда и се нарекува себеси архитект, а притоа целиот мисловен процес го свел на нула. Зошто архитектот мора да гради за да биде архитект, и зошто зградата мора да биде единствената асоцијација за архитектурата? И конечно, мора да сфатиме дека архитектот има моќ да даде форма таму каде другите дисциплини не умеат, и како таков е многу повеќе корисен во мултидисциплинарни пресеци отколку во градежни компании. Сетете се кога последен пат се нацртале архитектонски дијаграм и ако одговорот е многу одамна, тогаш размислете зошто никој од нас не бара да размислуваме туку само да продуцираме.

DSC_0396_resize

DSC_0426_resize

Скопје беше модерен град кој држеше чекор со модерната. Има ли шанса да фатиме чекор со современата архитектура? 

Tолку доцниме со современата архитектура што може и целосно да го скокнеме тој чекор и да почнеме да се движиме долж најактуелните архитектонски дискурси кои неуморно пробуваат да се ослободат од т.н. „современа архитектура“ и во архитектонската равенка да ги вметнат пејзажот, климатските промени, биодиверзитетот итн. Практично имаме можност воопшто да не очајуваме за пропуштениот воз наречен „современа архитектура“ и да го фатиме возот кој ќе ја открива новата архитектонска форма. Стен Ален ќе каже „ако модерната архитектура во првата половина на ХХ век ни служеше за подобрување на човековата состојба, тогаш постмодерната архитектура на втората половина од ХХ век ни служи за изразување на човековата состојба“, aпропо, сметам дека е време повторно да влеземе во една ера на подобрување на човековата состојба земајќи ги предвид сите климатски, еколошки и околински фактори, и работејќи со нив, а не против нив, да ја создаваме новата архитектонска форма која повеќе не се фокусира на нејзиниот изглед туку на нејзиниот перформанс, и конечно да ја промениме човековата позиција на планетата Земја.

Ако ова го сфатиме на време, тогаш Скопје може да послужи како светски преседан, кој по втор пат, ако првиот пат е справување со катастрофалниот земјотрес, се справил со катастрофалниот урбанизам преку изнаоѓање и „градење“ на нов еколошки идентитет откривајќи нова форма, флора и функција.

4_resize

Што би им препорачале на младите колеги кои сакаат да се занимаваат со архитектура и урбанизам?

Пред сè, би им кажал нешто што јас би сакал да го знам пред да се запишам на факултет, а тоа е: да се школуваш како архитект значи да научиш да создаваш форма преку својот креативен процес, а тој креативен процес буквално нема граници. Гледајте го ова како буквар кој сами го пишувате. Во текот на студирањето, преку изучување различни предмети ќе откриете еден дел од азбуката, и ќе научите да пишувате неколку реченици, нo никогаш не треба да престанете да откривате нови зборови, бидејќи само со нови зборови може да напишеме подобри реченици.

Би им препорачал исто да гледаат документарен филм за Никола Тесла, и да се запрашаат дали се спремни да експериментираат? Дали се спремни да откријат некоја нова форма или функција? Дали се спремни да го променат светот?

3_resize

DSC_0280_resize

Испрати коментар

Scroll To Top