Boeing ја најави својата цел за употреба на 100% одржливи горива за сите свои комерцијални летала до 2030 година. Следната декада ќе посведочи за амбициозен исчекор на овој гигант кон еколошки поодговорна иднина. Boeing веќе има извршено успешни пробни летови со одржливи горива како замена на класичните авионски горива. Во моментот овие авиони користат мешавина 50/50 од керозин и одржливо гориво дозволено за употреба како авионско гориво. Но, Boeing истакнува дека доколку авио индустријата е вистински посветена на намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид за половина до 2050 година, споредено со нивото во 2005 година, тогаш мора да се префрли на 100% користење на одржливи горива.
„Нашата индустрија и нашите клиенти се посветени на борбата со климатските промени, а одржливите авионски горива се најбезбедното и мерливо решение за намалување на емисиите на стакленички гасови во овој сектор во наредните децении“, вели извршниот директор на Boeing Commercial Airplanes, Stan Deal. Boeing исто така истакнува дека претходно спроведените пробни летови со биогориво од 2008 година, резултираа со одобрение за одржливо авионско гориво во 2011 година. Во 2018 година, во соработка со компанијата FedEx, реализиран е првиот комерцијален лет со користење на 100% одржливо гориво со 777-Freighter.