Термоцентралата на јаглен во Синес престана со работа, и сега во Португалија има само уште една активна термоцентрала на јаглен која е планирано да се затвори во ноември. Португалската компанија EDP објави во јули 2020 година дека термоелектраната „Синес“ од 1296MW ќе ја затвори во 2021 година, многу порано од првично планираниот рок – 2030 година. Тогаш е кажано дека таквата одлука претставува „дел од стратегијата за декарбонизација на EDP групата“ и дека е донесена во услови кога производството на енергија се повеќе зависи од обновливите извори. Одлуката на EDP да го забрза постепеното напуштање на јагленот, е „природна последица на процесот на енергетска транзиција, во согласност со европските цели за јаглеродна неутралност“ и португалскиот национален енергетски и климатски план, во кој се става акцент на обновливите извори, истакнува компанијата во своето соопштение за јавноста.
„Сега во оваа земја остана само уште една електрана на јаглен – електраната „Пего“, чие затворање е планирано во ноември“, велат активистите за почиста животна средина. Кога ќе биде затворена и термоцентралата „Пего“, Португалија ќе биде четвртата земја во Европа која целосно го исфрлила јагленот од производството на електрична енергија, после Белгија (2016), Австрија и Шведска (2020), покажуваат податоците на еколошката невладина организација „Европа без јаглен“.