Lonely planet, најпознатиот издавач на туристички водичи, ја вброи престолнината на Словенија во листата на осум најодржливи градови во светот. Словенечката агенција STA, пренесува дека Љубљана е „исклучително чиста и се позелена“, и препознатлива по својата недопрена природа. Токму природата и чистиот воздух се клучните предности во планот за оживување на градскиот туризам. Lonely planet го истакнува фактот дека над 10 хектари од градскиот центар е наменет за пешаци, како и дека улиците се мијат со дождовница и повторно употребена вода. Најсовремениот систем за управување со отпадот довел до состојба во која на депониите се одлага 80% помалку отпад отколку во 2008 година. Исто така, Љубљана е првата европска престолнина која се заложила за целта „град без отпад“. Имено, крајната цел е до 2025 година, отпадот да се намали на само 60 килограми годишно по лице.
Љубљана уште во 2007 година ги дефинирала целите на одржливата мобилност, а во приоритетите е вклучена и заложбата до 2027 година во сообраќајот да доминираат велосипедите и јавниот превоз. Реализирана е реконструкција на градските мостови, а обезбедени се и електрични возила со кои повозрасните можат да се движат низ градот.
Инаку, на споменатиот список од осум најодржливи градови, покрај Љубљана се најдоа и Сингапур, Лисабон, Ванкувер, Копенхаген, Сан Франциско, Портланд и Бангалор.