Насловна / Арт и дизајн / Вашингтон со верба и надеж за Божиќ

Вашингтон со верба и надеж за Божиќ

Подготвени или не, празниците се на прагот. Поради пандемијата на коронавирусот, сè е поинаку, па и начинот на кој ќе ја испратиме оваа, и ќе ја дочекаме новата година. Во главниот град на САД настаните типични за периодов или се видоизменети или откажани. Еден од многуте примери е Оревокршачка, во изведба на вашингтонскиот балет, којашто за јавноста е достапна само по виртуелен пат. Светлата во соседството е уште една позната манифестација.

____ 1_resize

Традиционално, дванаесет градски квартови се преполни со прецизно и креативно поставени светилки. За инсталациите може да се гласа, а победничките локации или тамошните мали бизниси потоа нудат специјални попусти и награди за посетителите. Овојпат и овој настан е со поинаков шмек и не толку голем интерес. Сепак, во исчекување на подобри времиња и во обид да се подигне духот и расположението, празничната сезона е и тоа како добредојдена, а рака на срце, организаторите навистина се погрижиле пред нас да има убаво украсени улици, објекти и паркови и секако, внимателно накитени божиќни елки.

ЕЛКИТЕ КАКО ГЛАВНА АТРАКЦИЈА

Белата куќа дури и во овие вонредни услови го носи приматот на најголема посетеност. Првата божиќна елка била поставена во 1889-та година за време на мандатот на Бенџамин Харисон, со свеќи и играчки како главен декор. Прославите биле од затворен тип, сè до 1923 година, кога претседателот Калвин Кулиџ одлучил Национална елка да има и надвор и тоа осветлена. Оттука, токму церемонијата на нејзиното осветлување е една од американските најстари празнични традиции.

____ 2_resize

Кредит / Бела куќа

Годинава, по 98-ми пат осветлувањето беше на 3-ти декември, во рамки на специјалниот чин во Претседателскиот парк, еден од 422-та национални парка во САД. Нормално би следувала секојдневна програма за сите возрасти, но годинава е исклучок. Вообичаено, елката е поставена на елипсата на јужната страна на Белата куќа и северно од Националното шеталиште. Околу неа, на Патеката на мирот, исто така традиционално, се наредени помали елки со рачно изработени орнаменти од сите 50 сојузни држави, главниот град и американските територии, а кои ја симболизираат историјата, наследството и културата на секоја од локациите. Веднаш до елката се наоѓа и најголемата менора во светот. Изложбата Америка слави е бесплатна и достапна за јавноста цел декември.

____ 3_resize

Воедно, пристигнувањето на Официјалната божиќна елка обично го одбележува почетокот на годишните празнични настани во Белата куќа. Изборот на дрвото е типично мошне компетитивен процес со надзор на Националната асоцијација за божиќни дрвја. Процедурите годинава беа отежнати и променети, но елката, овојпат висока речиси шест метри, успеа да пристигне на 23-ти ноември, од сојузната држава Западна Вирџинија. Посетителите обично се желни да ја видат Сината соба, каде се поставува дрвото, заедно со целокупниот ентериер на Белата куќа, но и овој дел е откажан. Од 1961-ва година, наваму, темите и мотивите на украсите во просториите се различни, а за тоа и за елегантниот и привлечен дизајн на буквално секој агол од нив, е задолжена првата дама на САД.

____ 4_resize

Кредит / Бела куќа

Меланија Трамп за овогодишната божиќна елка кажа дека го претставува раскошот на САД преку уникатната перспектива на децата. Декорирана е од ученици од цела Америка чиишто мини ремек-дела колективно ја отсликуваат државата и нејзините знаменитости. Елката покриена со жолти и златни зраци, според американската прва дама, ја обединува земјата во заедничката цел – градење посветла иднина за помладите, усогласувајќи ја нејзината иницијатива Бидете најдобри, чиј фокус е обезбедување најдобри можности за успех на сите деца.

Во Црвената соба, пак, рачно направените орнаменти се во чест на секојдневните херои, како припадниците на безбедносните сили и медицинскиот персонал. Вообичаено, за декорирањето на ентериерот се пријавуваат и доаѓаат волонтери од целата земја.

Дел од традицијата од 1960-та година, наваму, е и посетителите да му се восхитуваат, а некои и го дегустираат овој архитектонски подвиг – реплика на Белата куќа, направена од бело чоколадо. Некои од нив се тешки и преку 100 килограми и за подготовка се потребни неколку месеци.

____ 5_resize

Кредит / Бела куќа

Легендарните макети од тесто од ѓумбир се дополнителна кулинарска мајсторија за време на Божиќ во Белата куќа. Низ годините добивале различни форми, од колиби, до споменици и замоци.

Речиси исто внимание привлекува и елката пред Конгресот.

Традицијата за нејзиното осветлување датира од 1964, и за неа се врши темелна селекција. Крајниот збор за тоа кое дрво ќе се донесе во Вашингтон го има организацијата Архитект на Капитол хил – тим од архитекти, експерти, механичари, кустоси и други, кои работат на одржување и безбедност на Конгресот и околните згради – Конгресната библиотека, Врховниот суд и Ботаничката градина. Годинава, елката е од сојузната држава Колорадо, а е поставена на западното крило на конгресната зграда. Пред да замине за Вашингтон, таа обично минува низ почесна маршута, бидејќи претставува своевидна гордост за локалното население. „Посакав мир, љубов, почит и добра волја за сите луѓе во светот. Затоа излегов да ја видам елката којашто ќе го краси нашиот главен град“, кажа жителка од Колорадо.

____ 6_resize

Кредит / Architect of the Capitol

____ 7_resize

МАГИЧЕН БОЖИЌ

Како ли е навистина да се почувствува зимската идила? Инсталацијата Магичен Божиќ – најголемиот лавиринт во светот од ваков вид, ветува дека искуството е незаборавно. Во Вашингтон гостуваше минатата година, а по пауза во 2020, од компанијата најавуваат планови за следната година. Магичниот Божиќ беше поставен на површина од околу 8.500 метри квадратни во Паркот на бејзбол-тимот Нешналс, делумно во чест на неговата шампионска титула во 2019. Од едноставни, до интерактивни и уникатни скулптури и структури, како 30-метарска елка, сè беше во знакот на илјадници светла во различни бои и големини, топло чоколадо, добра музика, пазар за локални производи и артефакти, лизгање на мраз и други забавни активности. Екстравагантниот дизајн на лавиринтот е инспириран од книгата Големата потрага на Лени Џонсон, чијшто сопруг е главниот креатор на проектот. Приказната ги следи деветте ирваси на Дедо Мраз кои успеале да побегнат токму пред Божиќ. Гостите во лавиринтот се всушност на мисија да ги најдат. Секоја година проектот го адаптира ова искуство во различни градови низ државата.

____ 8_resize

Кредит / Enchant Christmas DC

Град од ѓумбир, е уште една иницијатива за која четири градови во САД, меѓу кои и Вашингтон, се надеваат дека следната година ќе се врати во живот. Зад проектот стои Дејвид Шварц архитекти – приватна компанија за дизајн, позната по тоа што на архитектурата гледа и како на услуга, и како на уметност. Обично околу 50 архитекти и инженери од целата земја мора да донираат минимална сума од 250 долари за да учествуваат во креирањето на шеќерниот град кој се поведува од смислата и ритамот на вистински центар заснован на квалитетно урбанистичко планирање, со зелени површини и силна култура за почитување на предноста на пешаците. Како и објектите за кои се залагаат професионалците, и овие слатки задоволства имаат сложени структурни системи за поддршка, функционални прозорци и светла, но во случајов со многу чоколадни и друг вид разиграни детали кои потоа се топат во уста. На крајот се прогласуваат победници за најиновативна употреба на материјалите, најдобар квалитет на дизајнот и слично, по што сите креации се донираат во локалните болници или хуманитарни организации, со идеја да се пренесе пораката на радост, надеж и здравје за време на празниците.

____ 9jpg_resize

____ 10 _resize

Кредит / Gingertown

А особено годинава, додека сме претпазливи можеби како никогаш досега и додека и натаму се приспособуваме на новата реалност, се чини дека овие и уште 30-тина други традиционални празнични настани во Вашингтон, се само показател дека надеж, трпение и верба за просперитетна иднина мора да имаме. Некои од божиќните манифестации во градот коишто веќе се одржаа виртуелно, беа насловени токму така – Сезона на надеж.

Автор: Јулија Велковска

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Испрати коментар

Scroll To Top